Авион на „Флајдубаи“, кој летал од Дубаи кон Тел Авив со 174 патници, меѓу кои 27 деца, слетал во Саудиска Арабија откако физичка пресметка помеѓу пилотите активирала сигнал за тревога, што првично предизвикало страв од киднапирање, па Израел кренал борбени авиони, објави сајтот „Инет њуз“
„Флајдубаи“ подоцна потврди дека сигналот за вонредна состојба бил активиран поради тепачка помеѓу пилотите. Авионот безбедно слетал на аеродромот во Табук, Саудиска Арабија, откако накратко исчезнал од јавно достапните сервиси за следење летови. По слетувањето, тој повторно се појавил на тие сервиси.
Додека летал кон Израел, авионот накратко емитувал код што укажува на можно незаконско мешање. Израелските власти првично го третирале инцидентот како потенцијално киднапирање, но подоцна утврдиле дека предупредувањето очигледно било предизвикано од насилство помеѓу пилотите во пилотската кабина.
Инцидентот предизвикал сериозна безбедносна реакција во Израел, објави сајтот „Инет њуз“. Премиерот Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Израел Кац свикале итни консултации, додека Оперативниот оддел на израелската полиција наредил формирање заеднички команден центар со другите безбедносни служби.
Авионот на „Флајдубаи“ тргнал од Дубаи и требало по два и пол часа да слета на аеродромот „Бен Гурион“ во близина на Тел Авив. Околу 90 минути по полетувањето, кога влегол во јорданскиот воздушен простор, авионот го испратил кодот 7700, меѓународниот транспондерски код што сигнализира општа вонредна состојба. Потоа го испратил кодот 7500, што укажува на незаконско мешање во авион и најчесто се поврзува со киднапирање.
Приближно во исто време, авионот свртел, се вратил во саудискиот воздушен простор и почнал да лета на помала надморска височина над кралството. Во меѓувреме полетале борбени авиони на израелските воздухопловни сили, додека властите се обидувале да утврдат што се случува во авионот.
Надлежните подоцна утврдиле дека вонредната ситуација очигледно била последица на расправија помеѓу пилотите, а не на обид за киднапирање на авионот.



