Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации објавено под наслов „Јавен надзор над јавните набавки“ открива класичен пример на неефикасно трошење на јавни пари при изградба на стадион во гостиварското село Чегране.
Агенцијата за млади и спорт на 30 декември 2022 донела одлука за изградба на фудбалско игралиште со трибини во Чегране. Еден од основните критериуми на тендерот била најниската цена со предвидена електронска аукција. Откако била завршена електронската аукција, комисијата утврдила дека прворангираниот понудувач, иако доставил изјава за способност, всушност не ги исполнувал условите, па договорот ѝ припаднал на второрангираната фирма „Лабино трејд“ од Гостивар.
Договорот бил склучен во март 2023 на износ од 5.818.356 денари без ДДВ, односно околу 112.000 евра со ДДВ. Според договорната обврска, „изведувачот е должен сите работи да ги изврши во рок од осум месеци од денот на воведување во работата“. Тоа значело дека игралиштето требало да биде готово уште во декември 2023.
Речиси три години подоцна, состојбата е поразителна. На теренот нема ниту тревник, ниту реконструирани трибини, ниту систем за наводнување и осветлување, иако токму тоа биле главните ставки во тендерот. Центарот за граѓански комуникации во својата анализа ги утврдил овие неправилности со изградбата на стадионот во Чегране.
„Фудбалското игралиште требаше да биде реконструирано уште во декември 2023. Речиси три години подоцна, наместо функционален терен, на локацијата нема ниту бусен трева, ниту реновирани трибини, ниту систем за наводнување, ниту осветлување, како што беше предвидено со тендерот. Договорот го склучила Агенцијата за млади и спорт во март 2023, во вредност од околу 112.000 евра. Досега се исплатени околу 70.000 евра, односно приближно 63% од вкупната сума. Според последниот извештај на надзорот и според состојбата на терен, на игралиштето не се работи уште од втората половина на 2025. Договорот за реконструкција е веќе истечен. Министерството за спорт, како правен наследник на Агенцијата за млади и спорт, не одговори дали се преземени мерки поради неисполнувањето на договорот, ниту дали се применети договорните механизми за санкционирање на доцнењето. Ваквата состојба укажува на сериозна негрижа за ефектот од потрошените јавни пари.“, се вели во извештајот на Центарот за граѓански комуникации.
Оттаму додаваат дека случајот отвора многу поголемо прашање од тоа зошто изведувачот не го завршил стадионот. Клучно е зошто институциите дозволиле договорот да истече, десетици илјади евра да бидат исплатени, а надзорниот орган да не ја алармира државата за реалната состојба на терен.
З. АНДОНОВ



