Русија го предупреди НАТО дека е подготвена да посегне по нуклеарно оружје доколку западната алијанса се обиде да ја отсече руската енклава Калининград. Во документ испратен до НАТО, Москва ја обвини алијансата за „опасен и непромислен курс што носи висок ризик од избувнување на директен вооружен конфликт“.
Во документот се наведува дека тоа ја вклучува можноста за руски напади врз центрите за носење одлуки во земјите-членки на НАТО.
„Русија ќе биде подготвена да го искористи целиот арсенал на сили и капацитети што ѝ е на располагање, вклучително и нуклеарно оружје, со цел да ја одбрани својата територија, доколку земјите на НАТО преземат каков било обид да го изолираат калининградскиот регион од остатокот на земјата“, се вели во дипломатската нота.
Калининград е силно милитаризирана руска територија која се наоѓа меѓу Полска и Литванија.
Во писмената реакција на НАТО се вели дека тие се одбранбен сојуз посветен на спротивставување на заканите за своите членки од сите правци.
„Ниту една од вежбите или активностите на НАТО не претставува закана за територијата на Руската Федерација. Ја повикуваме Руската Федерација да стави крај на својата неиспровоцирана инвазија врз Украина. Бараме од Руската Федерација да се воздржи од сè поневнимателното однесување кон алијансата и да престане со својата неодговорна нуклеарна реторика“, соопшти НАТО.
Висок европски функционер изјави дека ова е првпат по Студената војна Русија да се заканува на ваков начин.



