АМЕРИКАНЕЦ ПО 12 ГОДИНИ БАРАЊЕ НАШОЛ ДИЈАМАНТ ОД ШЕСТ КАРАТИ ДОДЕКА СНИМАЛ ВО ЖИВО НА ТИКТОК

    АМЕРИКАНЕЦ ПО 12 ГОДИНИ БАРАЊЕ НАШОЛ ДИЈАМАНТ ОД ШЕСТ КАРАТИ ДОДЕКА СНИМАЛ ВО ЖИВО НА ТИКТОКЖолтиот дијамант е тежок 6,03 карати и е приближно голем колку нокт (Фото: АП)

    Американец кој повеќе од 12 години трага по скапоцени камења пронашол дијамант од 6,03 карати во државниот парк „Кратер на дијамантите“ во Арканзас, а колекционери му кажале дека каменот би можел да вреди повеќе од еден милион долари.

    Џек Пирадин, резервист во американската морнарица, го пронашол дијамантот додека во живо на ТикТок го пренесувал своето пребарување. Откако измил кофа со чакал и ја истурил содржината на маса, меѓу камењата го забележал дијамантот. Жолтиот дијамант е тежок 6,03 карати и е приближно голем колку нокт. Тој е најголемиот дијамант пронајден годинава во паркот. Пирадин и неговиот пријател Мајкл Шумахер го нарекле „Американски сон“.

    Пирадин трага по дијаманти во паркот од 2013 и досега пронашол повеќе од 300. Толку многу се посветил на своето хоби што се преселил во блискиот град Марфрисборо за да биде поблиску до местото каде што ги бара камењата.

    Џек Пирадин, резервист во американската морнарица, го пронашол дијамантот додека во живо на ТикТок го пренесувал своето пребарување (Фото: АП)

    Иако колекционери му кажале дека дијамантот би можел да достигне цена од над еден милион долари, искусен проценител изјавил дека камен со оваа големина и квалитет би можел да вреди околу 250.000 долари.

    „Кратер на дијамантите“ е едно од ретките места во светот каде што посетителите можат сами да бараат дијаманти и да го задржат она што ќе го пронајдат. Влезот чини 15 долари, а во паркот годишно се пронаоѓаат меѓу 400 и 800 дијаманти.

    Од 1972, кога поранешниот површински рудник станал државен парк, таму се пронајдени повеќе од 37.000 дијаманти. Најголемиот дијамант откриен на ова место е „Чичко Сем“, тежок 40,23 карати, пронајден во 1924.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира