МУЗЕЈСКИОТ КОМПЛЕКС „СМИТСОНИЈАН“ СО ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ОТКРИВА КОЈ ГИ ИЗРАБОТУВАЛ И ПОСЕДУВАЛ ПРЕДМЕТИТЕ ОД АМЕРИКАНСКАТА РЕВОЛУЦИЈА

    МУЗЕЈСКИОТ КОМПЛЕКС „СМИТСОНИЈАН“ СО ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ОТКРИВА КОЈ ГИ ИЗРАБОТУВАЛ И ПОСЕДУВАЛ ПРЕДМЕТИТЕ ОД АМЕРИКАНСКАТА РЕВОЛУЦИЈАВештачката интелигенција ги споредува информациите за нив со дигитализирани весници, огласи и други историски извори и бара имиња, места и детали што можат да ги поврзат (Фото: АП)

    „Смитсонијан“, најголемиот музејски и истражувачки комплекс во светот, користи вештачка интелигенција за да открива досега незабележани врски меѓу историски предмети, архивски документи и луѓе од минатото.

    Проектот наречен „Revolution Crossroads“ поврзува илјадници дигитализирани музејски предмети со историски весници и други архивски материјали од периодот на Американската револуција. Целта е со помош на вештачка интелегенција да се откријат приказни кои тешко би можеле да се пронајдат со класично пребарување низ огромните музејски архиви.

    Истражувачите работат со околу 10.000 предмети од периодот меѓу 1770 и 1810 година. Вештачката интелигенција ги споредува информациите за нив со дигитализирани весници, огласи и други историски извори и бара имиња, места и детали што можат да ги поврзат.

    Еден од примерите е сребрен сад за павлака од музејската колекција. Истражувачите успеале да го поврзат со сребрар кој во весник од 1774 година рекламирал вакви предмети. Врската меѓу стариот оглас и музејскиот предмет е пример за информација што претходно би барала долготрајно рачно пребарување низ повеќе архиви.

    Проектот не е насочен само кон познатите личности од американската историја. Истражувачите сакаат да откријат повеќе и за луѓето чии имиња ретко се појавуваат во историските книги, а сепак биле дел од секојдневниот живот во периодот на Американската револуција.

    Со комбинирањето на музејските колекции, старите весници и новите технологии, истражувачите се надеваат дека ќе можат подобро да утврдат кој ги изработувал предметите, кој ги поседувал и како тие биле користени пред повеќе од два века.

    „Смитсонијан“ има милиони предмети и архивски материјали во своите музеи и истражувачки центри, а новиот проект покажува како вештачката интелегенција може да се користи како алатка за пребарување и поврзување на огромни количества историски податоци.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира