ОСТАНУВАМЕ ВЕРНИ НА КОНЦЕПТОТ ДА НЕ Ѝ СЕ ДОДВОРУВАМЕ НА ОВДЕШНАТА ПУБЛИКА, ВЕЛИ ОЛИВЕР БЕЛОПЕТА ПРЕД 45. СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ

    ОСТАНУВАМЕ ВЕРНИ НА КОНЦЕПТОТ ДА НЕ Ѝ СЕ ДОДВОРУВАМЕ НА ОВДЕШНАТА ПУБЛИКА, ВЕЛИ ОЛИВЕР БЕЛОПЕТА ПРЕД 45. СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛМакедонија ќе ја претставува квинтетот на Андреа Мирческа (Фото: Фејсбук)

    Единаесет концерти со музичари од 13 држави се во програмата на 45. издание на Скопскиот џез фестивал, што ќе се одржува од 15 до 18 октомври во Националната опера и балет (НОБ). Оваа година ќе има и три полноќни концерти, што ќе се изведат на малата сцена во НОБ, бидејќи, како што кажа основачот и директор на фестивалот Оливер Белопета, Младинскиот културен центар е во никаква состојба.

    Во поглед на програмата и изборот на учесниците, Белопета вели дека фестивалот му останува верен на својот концепт, кој не ѝ се додворува на овдешната публика.

    „Ако ги следите фестивалот и случувањата во џезот пошироко, ќе видите дека тој останува свртен кон она што е иднината на џезот и кон најпознатите имиња од импровизаторска музика, современа музика. Со еден таков храбар концепт, Скопскиот џез фестивал со години е меѓу седум-осум најугледни европски фестивали и култен настан во Европа, на што сме многу горди. Програмата не е правена за да ѝ се додворува на овдешната публика. Програмата практично и не води сметка за она што овдешната публика би сакала најмногу да го чуе од џезот“, кажа Белопета.

    Учесниците доаѓаат од три континенти: Европа, Северна Америка и Африка, со посебен акцент на скандинавската џез сцена. Македонија ќе ја претставува квинтетот на Андреа Мирческа.

    Во придружната програма ќе се прикааже документарен филм за славниот џез басист Рон Картер и ќе се одржи традиционалната работилница „Џез за деца“, што ќе ја води Гоце Наумов во „Јуроп хаус“.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира