НОВООТКРИЕНИТЕ ФОТОГРАФИИ НА АТАТУРК ВО БИТОЛА ЈА ПОДГРЕВААТ МИСТЕРИЈАТА ЗА ПЕРИОДОТ КОГА СЕ РОДИЛА ЉУБОВТА СО ЕЛЕНИ КАРИНТЕ

    НОВООТКРИЕНИТЕ ФОТОГРАФИИ НА АТАТУРК ВО БИТОЛА ЈА ПОДГРЕВААТ МИСТЕРИЈАТА ЗА ПЕРИОДОТ КОГА СЕ РОДИЛА ЉУБОВТА СО ЕЛЕНИ КАРИНТЕАрхивот има најмалку две фотографии од Ататурк. Тие не се направени додека бил кадет, туку во времето кога се вратил во Битола како офицер.(Фото:СДК.МК)

    Новото откритие на битолското одделение на Државниот архив дека располага со фотографии од таткото на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк (1881–1938), кој како турски офицер и придружник на Голц-паша ја посетил Битола на почетокот на 20. век, индиректно ја потврдува и можноста дека токму тогаш ја доживеал љубовната романса со битолчанката Елени Каринте. Со години наназад, во јавноста постои недоверба во тоа дали љубовта помеѓу битолските Ромео и Јулија, Кемал и Елени, за кои се снимени игран и документарен филм, реално постоела.

    За ова пред седумдесетина години прв пишувал битолскиот хроничар и новинар-дописник на весникот „Нова Македонија“, Димитар Димитровски-Такец. Тој тврдеше дека приказната во 1955 година лично му ја раскажала братучетката на Елени, Ирени Киријас.

    Но, дури и Такец во објавените текстови и во книгата „Перформансите на Широк Сокак“ се прашувал кога се родила љубовта помеѓу нив. Дали тоа било во времето кога тој бил ученик во Воената гимназија во Битола (1896–1899) или кога се вратил како офицер (1907–1909)?

    Според неговите сознанија, првите симпатии помеѓу кадетот и рисјанката од Битола не било можно да се родат за време на парадата на кадетите на Широк Сокак во 1899 година. Тогаш Елени имала само девет години, ако се точни претпоставките дека била родена во 1890. Мустафа бил 18-годишно момче.

    Куќата на Широк Сокак каде што некогаш живеела Каринте денес е главен туристички белег на Битола, дестинација каде што годишно се фотографираат стотици турски туристи. (Фото: СДК.МК)

    Такец раскажуваше дека Мустафа дошол како гостин во куќата на таткото на девојката, богатиот трговец Ефтим Каринте. Мајката на Елени рекла: „Нашето девојче ќе ви покаже на малиот клавир ‘клавсен’ што научи да свири кај Французинките (учителки во Битола)“. Така, Елени пред Мустафа ја отсвирела песната „Брате Жак“.

    По школувањето во Битола, турскиот кадет Мустафа заминал на Воениот колеџ во Истанбул, а се претпоставуваше дека по повеќе години се вратил во Битола како началник на штабот на Третата армија.

    „Според последните мои истражувања, сосема логично е тогаш да се случило сето тоа. Годините на живеење на Елени се совпаѓаат со тој период. Ако била родена во 1890 година, тогаш романсата можела да се случи само тогаш, кога таа имала дваесетина години, а тој 28“, пишува Такец во книгата.

    Токму новите сознанија до кои дојде Архивот во Битола се однесуваат на тоа дека во фондот оставен од браќата Манаки има најмалку две фотографии од Ататурк. Но, тие не се направени додека бил кадет, туку во времето кога се вратил во Битола како офицер.

    „Фотографиите се снимени од Манаки при посетата на Битола од страна на воена делегација предводена од Колман фон дер Голц, познат и како Голц-паша. Во заднината на придружбата се гледа впечатливото лице на младиот Кемал, кој веројатно бил дел од воената придружба што имала задача да направи увид во воената способност на битолските касарни“, соопштија од Архивот.

    Тоа веројатно било во 1909 година, кога тогаш 28-годишниот Ататурк бил офицер во османлиската армија и се поврзува со воената придружба на Голц-паша во Битола.

    „Приказната за Кемал Ататурк веројатно не завршува тука. Се надеваме дека во скоро време ќе имаме можност да презентираме уште материјали за неговиот престој во Битола“, велат од Архивот.

    Во однос на приказната за Ататурк и Каринте, според она што го има објавено Такец, таа побегнала поради него. Но, родителите веднаш го ангажирале грчкиот владика во Битола, кој преку влијателни Турци успеал да ја врати Елени дома.

    До денес нема прецизен одговор каде избегале: дали во Солун кај мајката на Мустафа или во куќа во близина на денешниот ресторан „Ловец“? Ирени Киријас кажала само дека по некое време, трговецот Ефтим ја омажил ќерка си за најдобриот калфа, Тодор, со голем мираз од 900 наполеони. Сопругот на Елени и двете деца умреле во Првата светска војна, а таа избегала во Лерин во пролет 1917, кога Битола била жестоко бомбардирана.

    Се претпоставува дека живеела 90 години, што значи дека починала околу 1970 година во некое леринско село. Има шпекулации дека до крајот на животот примала чек од некого. Нејасно е зошто никој не успеал да ја најде и точно да ја запише приказната. Повеќето битолски историчари не сакаат да зборуваат на оваа тема, зашто ја сметаат за приказна. Битолчани, пак, велат дека, и да не постоела реално љубовта, добро е што се измислила. Сметаат дека денес е имиџ на градот и дека треба да живее.

    Токму куќата на Широк Сокак каде што некогаш живеела Каринте денес е главен туристички белег на Битола, неодминлива дестинација каде што годишно се фотографираат стотици турски туристи.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира