ПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА АВТОПАТОТ ОД БУКОЈЧАНИ ДО КИЧЕВО ВО ДОЛЖИНА ОД 11,5 КИЛОМЕТРИ, ЌЕ СЕ ГРАДИ 4 ГОДИНИ

    ПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА АВТОПАТОТ ОД БУКОЈЧАНИ ДО КИЧЕВО ВО ДОЛЖИНА ОД 11,5 КИЛОМЕТРИ, ЌЕ СЕ ГРАДИ 4 ГОДИНИОваа делница е дел од Коридорот 8 и треба да ги поврзе автопатиштата Кичево-Охрид и Тетово-Гостивар-Букојчани. (Фото: МТВ)

    Денеска почна изградбата на автопатот од Букојчани до Кичево. Оваа делница е дел од Коридорот 8 и треба да ги поврзе автопатиштата Кичево-Охрид и Тетово-Гостивар-Букојчани.

    Делницата ќе биде долга 11,5 километри, со две сообраќајни ленти и една лента за застанување во секоја насока. Проектираната брзина на движење ќе изнесува од 110 до 130 километри на час. На трасата се предвидени пет моста, еден тунел, два вијадукта и две клучки, а рокот за изградба е четири години.

    За реализацијата на проектот се обезбедени 119 милиони евра од Европската банка за обнова и развој, грант од 20 милиони евра од Европската Унија и дополнителни 300.000 евра преку Фондот на ЕУ за Западен Балкан.

    Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски рече дека изградбата се одвива на планински терен, кој е тежок и предизвикувачки. Тој очекува компаниите задолжени за надзор и изведба да ја завршат работата во предвидениот рок.

    Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, рече дека на подготовката на проектот интензивно се работело две и пол години.

    „Следната година ќе го пуштиме автопатот Кичево-Охрид, а интензивно се работи и на автопатот Тетово-Гостивар, така што денеска го почнуваме делот што недостига, односно делот што ќе ги поврзува овие автопатски делници“, рече Трајановски.

    Тој информираше дека е потребно да се експроприраат околу 1.000 катастарски парцели, од кои досега се завршени 97 проценти.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира