Британската музичка институција „Дип парпл“ трет и, ако е за верување, последен пат ги отсвире своите антологиски хитови пред македонската публика на синоќешниот концерт во „Т арена“ во Скопје и потсети на својата огромна улога во обликувањето на рок музиката.
Бендот кој, со еден мал прекин, издава албуми и настапува речиси шест децении и чии двајца членови се 80-годишници сѐ уште добро се држи на сцена. Можеби ја немаат живоста на „Ролинг стоунс“, но го надоместуваат тоа со виртуозноста во свирењето и со рифовите и рефрените познати на старо и младо. Како ретко кога, во публиката имаше распон на генерации „од седум до 77“.
Слушнавме дел од класиците како „Highway Star“, „Hush“, „Black Night“ и неизбежната „Smoke on the Water“, на која се кренаа телефоните на 90% од присутните, а дека основоположниците на хард рокот не живеат во минатото, покажаа со изведбата на две песни од новиот, 24. албум „Splat!“, објавен оваа година.
Годините, сепак, веќе им натежнуваат на членовите, па најновиот додаток на групата, 47-годишниот гитарист Сајмон Мекбрајд, на моменти доаѓаше во фронтменската позиција, а 81-годишниот пејач Ијан Гилан често се повлекуваше од бината. Неговото отсуство се надополнуваше со инструментални парчиња и со соло изведби на одделните членови, при што клавијатуристот Дон Ејри ја воодушеви публиката кога во својот сет ја вклучи и македонската химна.
Концертот во Скопје, во организација на „Авалон“, беше меѓу првите од новата турнеја на „Дип парпл“, која официјално не е означена како проштална. Сепак, ако е навистина таква, ни беше чест што имавме можност уште еднаш да ја чуеме „Smoke on the Water“ лично од дел од нејзините творци.
Г. КОНЕВ






