Претставата „Фрида“, по текст на Драгана Левенска, а во режија на Тамара Стојаноска, ќе има премиера на 19 октомври од 20 часот во Драмски театар Скопје. Претпремиерата е на 18 октомври.
Претставата, која е приватен проект во соработка со Драмскиот театар, го обработува животот на славната мексиканска сликарка Фрида Кало, нејзината борба со физичката болка, бурната љубов со сликарот Диего Ривера, загубите и начинот на кој личните искуства ги претворала во уметност. Наместо класична биографска приказна, претставата се фокусира на жената зад познатиот лик.
Главната улога ја игра авторката Левенска, а Сашо Тасевски го игра Диего Ривера.
„Голема е одговорноста кога на сцена треба да оживееш историски лик, особено жена како Фрида Кало. Фрида ја градев речиси школски. За да влезам чисто во процесот, свесно го ставив настрана сопственото професионално актерско искуство и сакав да почнам од почеток, како повторно да учам како се гради лик. Во еден период дури и кривев одејќи, со цел подобро да навлезам во ликот на оваа жена. Фрида, на некој начин живее и во секој еден во еден од нас“, рече Левенска.
Таа додава дека процесот на создавање на претставата бил вистинско театарско патување.
„Ништо не форсиравме. Низ разговори, истражување и проби го оставивме ликот природно да се појави во мене. Колку повеќе ја градев Фрида, толку повеќе излегував од себе како Драгана и откривав нешто ново во себе, и како актерка и како човек“, вели актерката.
Режисерката Стојаноска се заблагодари на Драмскиот театар за поддршката на независната сцена и изрази надеж дека и другите театри ќе ги отворат вратите за младите независни уметници.
„Нашата претстава зборува за големата уметница Фрида Кало, но повеќе се осврнавме на тоа каква била таа како човек. Фрида била уметница со големи физички и душевни болки, но одбирала да твори и целиот свој интимен живот многу искрено го преточила во уметност. Мислам дека е многу храбро да се твори кога ти е најтешко“, рече Стојаноска.
Тасевски вели дека неговиот лик имал огромна верба во моќта на уметноста.
„Секој потег на четката на Диего Ривера бил офанзива, речиси крстоносен поход. Но и покрај огромната вера во моќта на уметноста, Диего бил свесен дека ни десет милиони слики не можат да нахранат еден гладен човек“, вели Тасевски.
Во претставата играат и Марија Бреслиска како Жозефина Бејкер и Марија Талеска како Кристина Кало, сестрата на Фрида.
„Го толкувам ликот на Жозефина Бејкер, една од највпечатливите жени на 20 век, жена која во многу нешта го надминала времето во кое живеела“, кажа Бреслиска.
„Фрида не инспирира само да се создава, туку и да се биде свој и слободен“, вели Талеска.
Сценографијата е на Филип Коруновски, костимите на Иван Ивановиќ, музиката на Марјан Неќак, а дизајнот на светлото на Дарко Младеновски.
М. ЏАРОВСКА



