НОВАТА ПОРТПАРОЛКА НА ТРАМП КЕЈТИ ЗАКАРИЈА ДОБИ ОТКАЗ ПО ПОМАЛКУ ОД ЕДНА НЕДЕЛА НА ФУНКЦИЈАТА

    НОВАТА ПОРТПАРОЛКА НА ТРАМП КЕЈТИ ЗАКАРИЈА ДОБИ ОТКАЗ ПО ПОМАЛКУ ОД ЕДНА НЕДЕЛА НА ФУНКЦИЈАТАТрамп рече дека Закарија можеби ќе продолжи да работи за него во некоја друга, попријатна форма. (Фото: Бела куќа)

    Новата портпаролка на американскиот претседател Доналд Трамп, Кејти Закарија, доби отказ во петокот, по помалку од една недела на работното место, објави „Њујорк тајмс”.

    Претходно, Трамп пред новинарите изјави дека ја охрабрил да размисли за повлекување од позицијата. Прераскажувајќи го разговорот со неа, Трамп кажа дека ѝ рекол оти да бил тој на нејзино место би ја преиспитал одлуката и дека не мисли оти ова ѝ е потребно. Тој додаде дека Закарија можеби ќе продолжи да работи за него во некоја друга, попријатна форма.

    Закарија започна со работа во понеделникот и сè уште не беше ни преселена во Вашингтон. Претседателот ѝ ја понуди работата минатиот петок, што претставуваше изненадувачки избор бидејќи станува збор за малку позната коментаторка на „Фокс њуз” која не им беше позната на многумина во Белата куќа. Иако ја имаше поддршката од Натали Харп, влијателната соработничка во Западното крило која ретко се одвојува од претседателот, други сметаа дека таа не е вешт комуникатор и дека нејзиното деби било катастрофално.

    Нејзиниот прв и последен брифинг со новинарите во вторникот помина лошо, откако таа во голем дел читаше од однапред подготвен текст и го прекина поставувањето прашања по само три прашања. По ова следуваа бројни објави во медиумите за тоа дека лажно се претставувала како адвокатка, со оглед на тоа што и самиот претседател ја нарече адвокатка, иако го нема положено правосудниот испит.

    Таа во медиумите се претставуваше како адвокатка, но кога новинар на Јужниот тревник во Белата куќа повеќепати ја праша во која сојузна држава го положила правосудниот испит, таа двапати одговори дека тоа било кога се преселила во Кина. Подоцна за „Њујорк тајмс” изјави дека едноставно погрешно го слушнала прашањето, иако претседателот ѝ го повтори прашањето на новинарот додека стоеше на само неколку чекори од неа.

    Крајот на нејзиниот ангажман стана извесен по нејзиното гостување на „Фокс њуз” во четвртокот вечерта, каде што беше интервјуирана од пријателот на претседателот, Шон Хенити, кој ѝ постави неколку тешки прашања и се однесуваше кон неа со невообичаена скептичност.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира