Професорот Сотир Пановски менторирал повеќе од 250 дипломски работи, над 35 магистерски труда и четири докторски дисертации. Во неговата биографија има повеќе од 435 референци, односно објавени трудови и научни постигнувања.
По професија машински инженер, Пановски бил првиот професор вработен на Техничкиот факултет во Битола по неговото прераснување од виша во високообразовна установа. Почнал со работа во 1979, две години по формирањето на Техничкиот факултет, правен наследник на Вишата техничка школа, основана во 1961 година. На 16 октомври факултетот одбележа 65 години постоење.
„Имаше голем ентузијазам во работата. Ги почитувам сите професори кои беа инженери од стопанството во Битола, а во тоа време предаваа на Вишата техничка школа. Тие беа темелот на ова што денес го прославуваме. Но, да се пошегуваме малку. Јас бев белградски студент, магистрант и докторант. Кога дојдов на Техничкиот факултет со ентузијазмот што го имав и сè уште го имам, му реков на еден од постарите колеги: ‘Дај да почнеме да објавуваме трудови во списанија’. Тој ја крена главата и ми рече: ‘А што е тоа?’ Но, брзо фативме напредно темпо, па пишувавме, одевме на конференции низ Европа и светот, ги едуциравме младите и стопански го градевме регионот и државата“, ни рече Пановски.
На Техничкиот факултет поминал 37 години како професор по различни предмети од машинското инженерство, а се пензионирал во 2018. На прашањето дали студентите учеле повеќе порано или денес, вели дека не знае колку учат сегашните генерации, но смета дека на Техничкиот факултет се учи многу повеќе отколку на некои, условно кажано, приватни факултети.
„Тогаш учеа многу. Мои поранешни студенти што ги среќавам денес се сопственици на фирми, директори и истакнати инженери. Знаењето што го добиваа и што сакавме да им го пренесеме остави белег“, додава Пановски.
Меѓу студентите и колегите важи за голем вљубеник во инженерството, а љубовта кон професијата се трудел да им ја пренесе и на идните генерации.

Од свечената академија по повод 65-годишнината на Техничкиот факултет на 16 октомври. (Фото: СДК.МК)
„Ги учев идните кадри да го сакаат тоа што ќе го работат. Да создаваат, а не само да пресметуваат. До пензионирањето, покрај предавањата по основните предмети, им носев инженерски проекти за да видат и да почувствуваат нешто што денес го нема. Сега проектите се изработуваат компјутерски, а сакав да видат како се работеше порано, со голема посветеност, цртање и туш“, вели професорот.
На свечената академија по повод 65-годишнината на факултетот, ректорот на Битолскиот универзитет, проф. д-р Игор Неделковски, се потсети на своите почетоци, кога првпат се вработил во академската сфера токму во оваа установа и ја делел канцеларијата со Пановски.
„Најубавите работи во животот ми се случија овде. Овде дипломирав, докторирав, ја запознав сопругата, овде навлегов во науката во 1988 година како дел од победничкиот тим по термодинамика на тогашната Машинијада во СФРЈ“, рече Неделковски.
Тој го нарече Техничкиот факултет столб на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ (УКЛО) во Битола, но и на развојот на стопанството во градот, регионот и државата.
„Храм на инженерството. Сите поважни објекти околу нас, почнувајќи од РЕК, Стрежево и многубројните фабрики, се изградени или со нив раководеле инженерски кадри од овој факултет. И денес клучните менаџерски позиции ги држат инженери од оваа установа“, рече ректорот.
Деканот, проф. д-р Митко Костов, го истакна фактот дека факултетот е постар и од универзитетот во чиј состав е денес.
„Во 1977 Вишата техничка школа прераснува во Технички факултет, а во 1979 година се приклучуваме, односно стануваме членка на новоформираниот Универзитет ‘Св. Климент Охридски’ – Битола“, рече Костов.
Факултетот нуди седум студиски програми на прв циклус, а наставата и научноистражувачката работа ги реализираат околу 40 професори во солидни просторни услови, со 10 лаборатории и шест компјутерски училници. Досега факултетот образувал илјадници инженери, а има повеќе од 200 алумни.
„Имаме позитивен тренд на запишување студенти. Во последните четири-пет години бележиме зголемување од 10 отсто, и тоа во услови на намален број матуранти и одлив на студенти кои заминуваат на универзитети во странство“, рече деканот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



