Сто нови амбулантни возила ќе бидат распределелени низ здравствените установи во земјава, кажа денеска министерот за здравство Сашо Клековски на промоцијата на новите возила. Тие се опремени со ЕКГ, респираторна поддршка и со дефибрилатори, имаат комфор зона и регулација на вентилација и на климатизација.
Во моментов во земјава има 140 активни возила, 60 од новите возила ќе бидат наменети за зголемување на капацитетот на Итната медицинска помош, а другите ќе бидат наменети за замена на дотраените возила.
Клековски рече дека дистрибуцијата на овие возила ќе се одвива според утврдени критериуми, а тоа се демографија, територија која се покрива, бројот на интервенции годишно, бројот на транспорт и дотраееност на возилата.
„Анализата е направена и со утврдени јасни критериуми за дистрибуција. Овие возила веднаш ќе бидат ставени во употреба по неопходната обука на тимовите за новите можности што ги нудат овие возила“, рече тој.
На новинарско прашање за недостигот на кадар во Брзата помош, министерот одговори дека целосната анализа на кадрите на национално ниво по категориите возачи, лекари и медицински сестри со прогноза за пензионирање до 2030 покажува каде се најтесните грла во моментов.
„Најтесното грло се возачите, а врз основа на тие анализи кои се подготвени во Министерството за здравство ќе комуницираме со соодветните здравствени институции и со Министерството за финансии“, додаде тој.
Клековски најави дека се разговара за следната година да бидат набавени уште 50 возила.
„Меѓутоа, не се возилата единственото нешто што е неопходно да го промениме во итната медицинска помош. Во основа, овојпат сакаме да направиме повеќе промени и реформи во итната медицинска помош. Прв чекор е веќе започнат, тоа е одвојувањето на Итната медицинска помош во посебна служба од Здравствениот дом Скопје, со намера тоа да оди понатаму на национално ниво. Подготвуваме носење на национални стандарди за тријажа, што треба да доведе до унифицирано постапување на сите служби за итна медицинска помош и во некој одреден период да воведеме и национален диспечерски центар за координација на различните тимови. Граѓаните не ги знаат општинските граници на здравствените домови и соодветно на тоа, ние мораме да реагираме без разлика кој од каде е, најблиска што може да пристигне на време. Една од планираните реформи е постепено воведување на парамедици во тимовите на итната медицинска помош, со што би се ослободиле лекарите за итните центри, бидејќи итната медицинска помош треба да ги транспортира пациентите до одреден ургентен центар“, рече министерот за здравство.
Б. НЕСТОРОСКА



