Белата куќа спроведува истрага по наредба на американскиот претседател Доналд Трамп за да се утврди дали неговиот советник Ричард Гренел ја злоупотребил довербата и проневерил пари од донации за Центарот Кенеди, со кој порано раководеше. Според текстуална порака до која дојде американскиот портал „Аксиос“, Гренел минатата година наводно му понудил на турскиот милијардер Турхан Милдон пристап до американскиот претседател, ВИП настани и владини функционери во замена за пари.
Гренел беше во Скопје во август 2024 година на средба со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, а тројцата се сретнаа и во Њујорк следната година, како и во февруари годинава во Минхен.
Во пораката од 3 мај 2025 година се наведува дека штом парите ќе легнат во компанијата, ќе биде организирана донацијата за Центарот Кенеди, со што бизнисменот ќе стане дел од ВИП настани и ќе има блиски односи со администрацијата, па дури и со претседателот.
Во истата порака, Гренел, кој истовремено беше и специјален пратеник за Венецуела каде што Милдон има договори, наводно напишал дека треба да го направат бизнисменот американско лице во таа земја. Гренел ги отфрли обвинувањата како лаги и апсурдни тврдења, негирајќи дека ја испратил пораката или дека некогаш побарал и примил пари од Милдон. Како аргумент дека пораката не е негова, тој посочил дека зборот центар во неа бил напишан според британскиот правопис.
Случајот беше отворен на 9 октомври, кога сопругата на Милдон и поранешна федерална обвинителка во Њу Џерси, Алина Хаба, која исто така е советничка на Трамп, влезе во Овалната канцеларија и го обвини Гренел дека ги украл парите на нејзиниот сопруг наменети за Центарот Кенеди. По нејзините тврдења, Трамп го повика правниот советник на Белата куќа, Вил Шарф, и му наложи да покрене истрага. Според владини извори, Хаба настапила неподготвена во Белата куќа и неколкупати ги менувала сумите за наводната кражба, тврдејќи прво дека станува збор за 17 милиони долари, потоа за околу 6 милиони, додека точната сума изгледа дека е 5,6 милиони долари.
Според информациите што адвокатите на Хаба и Милдон ги доставија до Белата куќа по првичното доцнење, наводната шема се однесува на финансиска трансакција поврзана со софтвер за приватната одбранбена компанија Тексас армамент енд технолоџи (ТКСАТ) од Хјустон и Демократска Република Конго. Милдон тврди дека на 29 мај 2025 година, по инструкции на Гренел, префрлил 17,6 милиони долари на ТКСАТ, при што дел од парите биле за зделката со Конго, а речиси 6 милиони долари за Центарот Кенеди. Тој дури по 17 месеци дознал дека Центарот Кенеди никогаш не ги добил средствата.
Правниот советник Шарф продолжува со прибирање докази и планира да ги испита дигиталните метаподатоци и потеклото на пораката од 2025 година, на чија испечатена верзија стои истата фотографија што Гренел ја користи на својот мобилен телефон. Во меѓувреме, вработени во Центарот Кенеди ја известиле Белата куќа дека Милдон често присуствувал на настани од затворен тип, вклучувајќи ја и потпретседателската ложа веднаш до претседателската, оставајќи впечаток дека е голем донатор.



