Неповолните хидролошки услови што траат неколку месеци ја намалија издашноста на изворите Шум и Беличките извори, поради што Струга веќе воведува ноќни рестрикции на водата. Во моментов, издашноста на Шум се движи од 130 до 150 литри во секунда, додека Беличките извори даваат околу 30 литри во секунда. Од ЈП „Водовод“ Струга велат дека засега успеваат да ги задоволат потребите, но доколку продолжи неповолната хидролошка состојба, не се исклучува воведување дополнителни рестрикции.
Директорот на ЈП „Водовод“ Струга, Јованчо Мечкароски, вели дека последиците од намалената издашност се чувствуваат кај повисоките станбени објекти и во пооддалечените рурални средини, каде што во одредени периоди од денот се намалува притисокот на водата.
„Во моментов, од 23 часот до 6 часот наутро имаме одредени рестрикции. Доколку продолжи овој тренд, не ја исклучуваме можноста за воведување и дополнителни рестрикции“, вели Мечкароски.
Сега дневно се испорачуваат околу 6.000 кубни метри вода, што претставува максимално количество со кое располага претпријатието во овие услови.
Според Мечкароски главна причина за намалувањето на издашноста на изворите се неповолните хидролошки услови, кои траат веќе неколку месеци. Иако нема официјални податоци со кои би можело да се направи прецизна споредба со истиот период минатата година, Мечкароски оценува дека тековната година, во однос на водоснабдувањето, била една од подобрите во последните години.
„Претходните години кризата настапувала и порано. Оваа година летото помина без поголеми проблеми, а снабдувањето главно беше континуирано. Слободно можам да кажам дека во последните години оваа година беше една од подобрите“, вели Мечкароски.
За надминување на актуелната состојба, екипите на претпријатието секојдневно работат на санирање дефекти и намалување на загубите на вода, откривање нелегални приклучоци и соодветно распределување на расположливите количества.
Од ЈП „Водовод“ Струга велат дека се разгледуваат можности за обезбедување алтернативни извори на вода, но за нивна реализација се потребни значителни финансиски средства, стручни капацитети и вклучување на надлежните институции на државно ниво.
„Тоа не можеме да го реализираме самостојно како јавно претпријатие, ниту пак Општина Струга може сама да го реши проблемот. Потребна е голема финансиска конструкција, стручна екипираност и помош од сите надлежни институции на државно ниво“, истакнува Мечкароски.
Од претпријатието предупредуваат дека продолжувањето на неповолните хидролошки услови може дополнително да ја влоши состојбата со водоснабдувањето.
Проблемите со водоснабдувањето во Струга траат со години, а граѓаните и понатаму се жалат на нередовно снабдување и слаб притисок. Во февруари годинава, енормно високата матност на водата предизвика сериозни проблеми со водоснабдувањето во Струга и околните населени места. Анализите тогаш покажаа матност од 28,56 НТУ, при дозволена вредност од 1,5 НТУ, по што беше изречена забрана за користење на водата за пиење.
С. ВРЕНЦОВСКА



