Одбраната на обвинетиот судија Ѓоко Ристов во чија семејна куќа во Неготино во ѕидот во кујната беа најдени непријавени и без потекло 350.000 евра, на денешното рочиште рече дека најверојатно ги повлекува предложените сведоци Љупчо Пецов-Ѓаволот, осудениот за мито гинеколог Марјан Стоевски и уште еден сведок. Ристов е обвинет за кривичното дело Противправно стекнување и прикривање имот.
Сведочеше таткото на сопругата, тастот Ивица Зориќ и вештото лице Емилио Фришќиќ.
Судијката Билјана Коцевска, исто како и на родителите на обвинетиот Ѓоко Ристов, така и на таткото на сопругата, Ивица Зориќ, му укажа дека како близок роднина на обвинетиот, не е должен да сведочи.
Иако обвинението не се однесува на станот на Ристов на улица “Варшавска”, одбраната прашуваше за него.
Таткото на сопругата на Ѓоко Ристов рече дека станот на “Варшавска” е околу 150 метри квадратни. Купопродажната цена, во време на ископ на зградата, била околу 140.000 евра.
„Го уплати сватот, таткото на Ѓоко, тој беше слободен да ја следи изградбата. Заеднички го финансиравме станот, по 70.000 евра двете страни, ние за нашата единствена ќерка и сватот за својот син Ѓоко. Со изјава на нотар дека станот дополнително ќе биде впишан на мојот единствен внук Ивица Ристов Зориќ. Ние на една фамилијарна средба на сватовите им дадовме 70.000 евра, а се договоривме и да учествуваме и во опремувањето. Парите беа во евра, во банкноти од 200 и 500 евра”, кажа сведокот Ивица Зориќ без притоа да покаже доказ дека го кофинансирал станот на Ѓоко Ристов.
Обвинителката рече дека има само едно прашање.
Симпатично беше да слушнеме ваши семејни практики за станот на улица “Варшавска”, но јас сакам да ве прашам во тој контекст и за станот во Охрид, рече обвинителката Искра Хаџивасилева, но скокна одбраната дека тоа не смее да биде вкрстено прашање, бидејќи такво нешто во директното испитување не беше споменато. Судијката не го дозволи прашањето.
Подоцна на прашање дали ова тврдење на Ивица Зориќ без доказ има доказна важност и ќе влојае на пресудата, адвокатот Звонко Давидовиќ рече:
„Исто како и обвинението против Ѓоко Ристов кое е поднесено на Жими мајка и з ское од прв ден тврдиме дека е рекла казала и нема ниеден доказ”.
Вештакот на одбраната, Фришќиќ, беше прашан за потписите на записниците. Специјалност му се вештачења на потписи и ракописи, рече дека е стручњак за фалсификати и е доктор на науки.
Одговори и дека во МВР работел над 30 години, до пензија.
„Кој е вашиот конечен заклучок во однос на авторството на спорните цифри и врз кои стручни наоди ги утврдивте?”, го праша адвокатката ма Ристов.
„Преку примена на научна методологија и постапка мислењето е дека во петте документи што се споменати во едно од вештачењата, ракописот и цифрите не се идентични, не се напишани од обвинетото лице. Не се напишани од обвинетиот Ѓоко Ристов”, тврдеше со сигурност вештакот што го платил Ристов во прилог на своја одбрана.
„Дали при пишување, на листот хартија остануваат биолошки траги?”, допраша адвокатката на обвинетиот Ристов.
„Не секогаш остануваат траги. Ако лицето кое пишува со површината на кожата допира на хартијата, се оставаат епителни клетки. Но ако лицето носи ракавици и пишува и не ја допира хартијата, во таков случај нема да има днк, со сигурност”, кажа вештакот.
Хаџивасилева рече дека нема прашања за вештакот, а подоцна на новинарско прашање во врска со неговите тврдења за ракописот, кажа:
„Со оглед на тоа дека на една од ливчињата со пари има ДНК од обвинетиот Ристов, колку е веројатно мајката да одела од синот да го трие ливчето?” .
Судењето продолжува на трети ноември.
С. К. ДЕЛЕВСКА



