Секоја година, во овој период, кај водата од градскиот водовод во Тетово се забележуваат невообичаен мирис и вкус. Оваа појава секогаш предизвикува вознемиреност кај тетовци, кои реагираатдали водата со ваков вкус и мирис е исправна за пиење.
Од Јавното комунално претпријатие (ЈКП) „Шар“ од Тетово, кое стопанисува со водоводната мрежа во градот, велат дека водата е хемиски и бактериолошки исправна за пиење. Потврда за исправноста на водата за пиење има и во последните анализи направени од Центарот за јавно здравје во Тетово.
„Според лабораториските анализи и редовното следење на квалитетот на водата од страна на ЈЗУ Центар за јавно здравје Тетово, документираните резултати потврдуваат дека анализираните примероци вода ги исполнуваат пропишаните критериуми за вода за пиење. Во есенскиот период, особено по врнежите и опаѓањето на лисјата на Шар Планина, повремено може да се појави карактеристичен мирис на растенија. Ова може да биде поврзано со органските материи што се ослободуваат при разградувањето на растителниот материјал и стигнуваат до водните извори. Појавата на ваков мирис не значи нужно влошување на квалитетот на водата. Безбедноста на водата за пиење се утврдува со лабораториски анализи, а не само според мирисот или вкусот. Според приложените резултати од контролата, анализираната вода ги исполнува условите за пиење“, се вели во соопштението доставено од ЈКП „Шар“.
Од Центарот за јавно здравје во Тетово велат дека квалитетот на водата за пиење се контролира двапати дневно, од понеделник до петок, и дека водата е исправна за пиење.
„Резултатите од мострите од водата земени денеска ќе бидат готови во понеделник, бидејќи таков е процесот на испитување. Но, ова не е нова појава и се случува кога во каптажата кај ‘Лешница’, во овој период од годината, паѓа вегетацијата од дрвјата. Тоа е особено изразено по обилни дождови, како што беше вчера. Сепак, бактериолошки, водата е исправна за пиење, а поради мирисот и вкусот има мали отстапувања во физичко-хемиските параметри“, вели д-р Илија Иљоски, специјалист по хигиена и здравствена екологија во Центарот за јавно здравје во Тетово.
Оваа појава, односно појавата на непријатен мирис и вкус на водата, се забележува откако пред 10 години бил пуштен во употреба водоводот што зафаќа вода од реката Пена, кај месноста „Лешница“, во високите предели на Шар Планина.
Бидејќи станува збор за отворен систем за зафаќање на водата, во октомври или ноември, особено по обилни дождови, дел од вегетацијата, односно лисјата од дрвјата, паѓаат во водоводниот систем. Иако водата потоа се носи до филтер-станицата кај селото Лисец, филтрите ја прочистуваат од бактерии и други штетни состојки, но не можат да ги отстранат непријатниот мирис и вкус.
З. АНДОНОВ



