ИЛЈАДНИЦИ ЛУЃЕ НА ПРОТЕСТИ НИЗ ФРАНЦИЈА, ПРИВЕДЕНИ 135 ДЕМОНСТРАНТИ И ЗАПЛЕНЕТО ОРУЖЈЕ

    ИЛЈАДНИЦИ ЛУЃЕ НА ПРОТЕСТИ НИЗ ФРАНЦИЈА, ПРИВЕДЕНИ 135 ДЕМОНСТРАНТИ И ЗАПЛЕНЕТО ОРУЖЈЕНа улиците излегоа демонстранти од сите генерации и профили, од млади лица, до семејства, канцелариски работници и пензионери. (Фото: Ле Монд)

    Илјадници граѓани се собраа во Париз и почнаа да маршираат по предвидената рута од 1,5 километри од Порт д’Итали до Порт де Венсен, додека возовите на метрото што водеа кон почетната точка во 13. арондисман беа преполни. Маршот го организираше синдикална коалиција составена од ЦГТ, ЦФДТ, ФСУ и Солидер, како поддршка на студентските федерации, а меѓу присутните се вееја нивните знамиња и транспаренти. На улиците излегоа демонстранти од сите генерации и профили, од млади лица, до семејства, канцелариски работници и пензионери.

    Протести се одржаа и во другите поголеми градови во земјата. Во Марсеј, илјадници луѓе излегоа на поворката по главната улица, додека во Лион толпата се собра на плоштадот Жан-Масе, каде со пеење и извикување пароли застана спроти полициските редови. Демонстранти маршираа и во Тулуз и во Лил.

    Во неколку градови останаа на сила забраните за протести откако пропаднаа правните жалби поднесени во последен момент. Во Бордо, граѓаните излегоа на плоштадот Плас де ла Бурс и покрај забраната на ниво на целиот град и откажаниот трамвајски сообраќај.

    Генералната секретарка на синдикатот ЦГТ-Трговија и услуги во регионот Жиронда, Брижит Кудерк, за весникот „Монд“ изјави дека без разлика дали собирот е забранет или не, тие ќе застанат зад средношколското движење и нема да ги остават младите, додавајќи дека тие се родители, работници и самите некогаш биле млади. Во Ница, полицијата нареди растурање на толпа од неколку стотици луѓе на плоштадот Масена, каде исто така имаше целосна забрана за јавни собири.

    Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез соопшти дека низ целата земја на протестите излегле околу 35.000 луѓе, што претставува пад во споредба со претходната сабота кога имало 60.000 демонстранти. Според податоците на властите, регистрирани се 136 улични акции, наспроти 264 од претходниот викенд.

    Нуњез додаде дека полицијата привела 135 лица и одзела разновидно оружје. Тој соопшти и дека досега не се забележани поголеми инциденти.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира