Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи беше изложен на шестото издание на воздухопловно-едукативниот саем „Скопје ер фер 2026“, кој вчера се одржа во Градскиот парк во Скопје, на локацијата „Вембли“.
Посетителите имаа можност одблизу да го разгледаат хеликоптерот на единицата „Јастреби“ при МВР и да разговараат со претставници на домашни и странски авиокомпании, воздухопловни академии и професионални здруженија.

Организатор на настанот е Здружението за подобро воздухопловство „Авикон“, кое преку саемот сака да им го доближи воздухопловството на младите (Фото: К. Попов)
На саемот учествуваа ТАВ Македонија, „Виз ер“, Европскиот воздухопловен институт од Романија, Воздухопловната академија од Белград, како и компании и организации од Грција, Бугарија и Македонија. Учениците и студентите можеа да се информираат за можностите за образование, обука и вработување во воздухопловството.
Организатор на настанот е Здружението за подобро воздухопловство „Авикон“, кое преку саемот сака да им го доближи воздухопловството на младите и да ги поттикне да размислуваат за професионална кариера во оваа област.

Учениците и студентите можеа да се информираат за можностите за образование, обука и вработување во воздухопловството (Фото: К. Попов)
„Сакаме да ги скршиме сите стереотипи поврзани со воздухопловството, дека тоа е апстрактно, недостижно или резервирано за одредени луѓе со врски. Воздухопловството е отворено, динамично и нуди бројни реални кариерни можности“, велат од „Авикон“.



