ДОКУМЕНТАРЕЦОТ „РУИНИ“ НА ЕЛЕНА ЧЕМЕРСКА, ЗА РЕСТАВРАЦИЈАТА НА СПОМЕНИКОТ НА СЛОБОДАТА ВО КОЧАНИ, ОД 29 ОКТОМВРИ ЌЕ ИГРА ВО СКОПЈЕ, БОГДАНЦИ И ОХРИД

    ДОКУМЕНТАРЕЦОТ „РУИНИ“ НА ЕЛЕНА ЧЕМЕРСКА, ЗА РЕСТАВРАЦИЈАТА НА СПОМЕНИКОТ НА СЛОБОДАТА ВО КОЧАНИ, ОД 29 ОКТОМВРИ ЌЕ ИГРА ВО СКОПЈЕ, БОГДАНЦИ И ОХРИДДокументарецот на Чемерска е за реставрацијата на Споменикот на слободата во Кочани, монументално дело на татко ѝ Глигор Чемерски и архитектот Радован Раѓеновиќ. (Фото: „Синема футура“)

    Дебитантскиот долгометражен документарен филм „Руини“ на Елена Чемерска од 29 октомври ќе игра во скопското кино Синеплекс, како и во Домот на културата во Богданци и во Културолошка иницијатива Охрид. Документарецот на Чемерска е за реставрацијата на Споменикот на слободата во Кочани, монументално дело на татко ѝ Глигор Чемерски и архитектот Радован Раѓеновиќ.

    Од продукцијата „Синема футура“  велат дека на 1, 2 и 3 ноември „Руини“ ќе игра и во Кафе кино „Котур“ во Скопје, а на 4 ноември во Центарот за култура „Крсте Мисирков“ во Крива Паланка. Во ноември филмот ќе игра во Битола, во Куманово и во Кинотеката на Македонија во Скопје, но термините ќе бидат дополнително објавени.

    Светската премиера на „Руини“ беше на 14 јуни, во конкуренцијата за награди на филмскиот фестивал во Шангај, Кина,  фестивал од А категорија, а македонската во август на Фестивалот МакеДокс.

    „’Руини’ произлезе од мојот долгогодишен ангажман околу ревитализацијата на Споменикот на слободата, низ кој се обидував да ја дофатам формата на една идеја што длабоко се всади во мене, а која надвор од сликата што се обидував да ја обликувам – преку документарен пристап, архивски материјали и конструирани кинематски ситуации – остануваше недофатлива. Во текот на речиси една деценија работа околу споменикот, поимот руина за мене престана да се однесува само на материјалната состојба на нештата. Почнав да ја препознавам и како состојба низ која поминуваат луѓето, идеите и сликите што ги создаваме. ‘Руини’ е резултат на тоа истражување“, ни рече во мај режисерката и визуелна уметница Чемерска за филмот.

    Реставрираниот Споменик на слободата во Кочани беше претставен во декември 2024, по двегодишна обнова со американски грант од 254.300 долари преку Амбасадорскиот фонд на САД за зачувување на културата. Грантот го доби Општина Кочани од Амбасадата на САД во Скопје и беше прва поддршка од овој фонд за реставрација на споменик од современата македонска уметност што ја чествува и борбата против фашизмот.

    Споменикот е изграден на ридот Локубија на северозападната страна на градот. Уметничко-архитектонското решение е на Глигор Чемерски, еден од најзначјните македонски уметници, и архитектот Радован Раѓеновиќ. Граден е во периодот 1975-1977 од Општина Кочани, а целосно е завршен во 1981. Споменикот се нарекува и Тврдина или Храм на слободата и е од огромно значење за поновата македонска уметност. На комплексот со отворени бетонски ѕидни конструкции се аплицирани 335 квадратни метри мозаични прикази на историската борба на македонскиот народ за слобода, од Илинденскиот период до антифашистичката Народно ослободителна борба (НОБ).

    „Руини” произлегува од долгогодишниот проект „Татковина: Споменик на слободата” и го следи враќањето на режисерката во Македонија, каде се вклучува во реставрацијата на делото на татко ѝ. Во продукција на „Синема футура“ беше поддржан со 800 илјади денари (13 илјади евра) на Конкурсот за финансирање на проекти на Агенцијата за филм во втор рок на одлучување во 2018. Проектот „Татковина: Споменик на слободата”, инициран од Чемерска во 2017, обедини меѓународни соработки помеѓу уметници, културни работници и експерти од областа на конзервацијата и реставрацијата, со цел значенска, а потоа и физичка ревитализација на споменикот.

    „Додека ‘Татковина’ се фокусираше на физичката и општествената ревитализација на локалитетот, ‘Руини’” е интимна филмска студија за односот помеѓу идејата на колективна слобода вградена во споменикот и искуството на личната загуба, филм за трансформацијата низ време и отсуство. Низ архивски материјали, лични сеќавања и сегашноста на споменикот, ‘Руини’ ги истражува пресликувањата на колективната и личната загуба, отворајќи прашања за тоа што може, а што не може да се обнови“, велат од продукцијата „Синема футура“.

    Кинематографери се Ѓорѓи Клинчаров и Марина Колоска, монтажата е на Владимир Гојун и Горјан Атанасов, композитор е Игор Василев Новоградска, а дизајнер на звук Лука Гамулин.

    Филмот е копродукција меѓу Македонија, Хрватскиот аудиовизуелен центар, РТВ Словенија и во рамки на проектот „Култура за развој” на Владата на Швајцарија имплементиран од „Хартефакт фонд“. Копродуценти се продукциите „Синема футура“ и „Минимал колектив“ од Македонија, „Рестарт“ од Хрватска и „Потем“ од Словенија, во соработка со „Филмтрик“. Продуценти се Иван Унковски, Ивана Шекуткоска и Елена Чемерска; копродуценти се Оливер Сертиќ и Ивана Нацева.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира