На 150 бизнисмени учествуваа на „Business for Business 2026“ форумот на Комерцијална банка, на кој се разменуваа искуства и идеи со врвни експерти од глобалниот дигитален лидер Оракл и од успешни домашни компании. Второто издание на форумот под мотото „Посилна иднина со новите правила за раст“, отвори дијалог за темите што ја менуваат иднината на компаниите: вештачката интелигенција и новите технологии, ESG стандардите и современите решенија за поефикасно корпоративно банкарство.
Со големиот интерес, активното учество и позитивните реакции на присутните, форумот ја потврди својата вредност како платформа преку која клиентите на Комерцијална банка добиваат многу повеќе од финансиски производи и услуги. На форумот добија пристап до врвно знаење, вредни искуства и практични препораки за развој и конкурентност на нивниот бизнис.
„За секоја компанија, независно од нејзината големина и дејност, денес се особено важни неколку прашања, како подобро да ги искористиме расположивите ресурси, како да ја зголемиме продуктивноста и како подобро да се подготвиме за секојдневните промени на пазарот. Секојдневните оперативни обврски често оставаат малку простор за да се согледа каде се губи време и каде процесите може да се подобрат. Токму затоа ваквите средби се драгоцена можност да се разменат искуства и да се препознаат решенија што може да имаат конкретна примена во работењето“, рече на отварањето на форумот д-р Маја Стевкова-Штериева, главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка.
На годинашниот форум, клиентите на Банката имаа можност да разговараат со претставници на Оракл, лидерот во дигиталната трансформација на бизнисите на глобално ниво, за предизвиците што ги носат вештачката интелигенција и современата технологија.
Бојан Садиковиќ, директор во Оракл за продажба, технологија и cloud за BAMMAK регионот, ги претстави дигиталните алатки со кои компаниите ги јакнат своите капацитети и ја отслика иднината на деловниот свет, барем за во наредните 12 месеци.
Бизнис разговорот на д-р Никола Џамбазовски, главен директор за продажба и развој и член на Управниот одбор на Комерцијална банка, и Елена Филатава, регионален директор во Оракл за Адриа регионот, ги отвори прашањата за тоа дали компаниите губат време и пари без дигитални алатки, кои алатки веќе носат вредност и кои заблуди најмногу го мачат бизнисот кога треба да се зборува за дигитална трансформација.
Д-р Џамбазовски и Филатава се согласија дека дигиталната трансформација не значи само нов слој технологија врз старите деловни процеси, туку инвестиција која треба да ја зголеми продуктивноста, да ја подобри конкурентноста и да го забрза растот на компанијата.
„Стратегијата за вештачка интелигенција е бизнис стратегија. Целта не е веќе AI, туку подобри деловни резултати“, рече Филатава.
Воедно беше претставена и поддршката што Комерцијална банка им ја обезбедува на компаниите преку кредитирање, кредитни линии и советодавна поддршка за да стигнат поблиску до ESG стандардите.
Посебно внимание на форумот беше посветено и на EBICS (Electronic Banking Internet Communication Standard), европски стандард за директна и безбедна комуникација на системите на компаниите со Банката. Овој новитет во понудата на Комерцијална банка го најави Горан Купенков, директор на Дирекцијата за платен промет со странство и документарно работење во Банката. EBICS за компаниите носи поголема ефикасност и безбедност во управувањето со финансиските процеси, особено за тие со поголем обем и комплексност на корпоративни плаќања.



