Гигантот за криптовалути „Бајнанс“ објави дека 6,3 милијарди долари од неговите дигитални средства се погодени во она што би можело да биде најголемиот хакерски напад во историјата. Најголемата светска крипто берза изјави дека околу половина од тие средства се замрзнати, но дека многу останале во рацете на хакерите, додавајќи дека ќе ги покрие сите загуби.
„Првичните проверки покажуваат дека инцидентот можеби вклучувал лаптоп на инженер кој бил компромитиран, што му овозможило на напаѓачот да изврши неовластено повлекување пари“, соопшти „Бајнанс“.
Две аналитички фирми го припишаа инцидентот на севернокорејската хакерска единица наречена „Трејдер трејтор“. Компанијата за истраги со вештачка интелигенција „ТРМ Лабс“ кажа дека неколку елементи од нападот личат на претходни инциденти поврзани со Северна Кореја, вклучувајќи го и хакирањето на „Бајбит“ во 2025, кога биле украдени 1,5 милијарди долари.
„Хакирањето на ‘Бајнанс‘ е пресвртница каква што не е видена во индустријата. Напаѓачот сè уште поседува огромна сума украдени средства, што значи дека напорите за нивно пронаоѓање и враќање се далеку од завршени“, кажа шефот на „ТРМ Лабс“, Ари Редборд.
Инцидентот се однесува на Binance.com, додека многу помалата крипто платформа Binance.US, која обезбедува услуги за тргување специјално за американски жители, изјави дека не е засегната од проблемот.
„Бајнанс“, која е основана во Кина во 2017 година, им овозможува на корисниците да тргуваат со дигитални средства и се проценува дека има повеќе од 300 милиони регистрирани корисници ширум светот. Компанијата во 2024 година изјави дека располага со средства во вредност од над 160 милијарди долари.



