На 30 октомври, ден пред јавноста да дознае дека Народната банка на Србија ѝ ја одзела дозволата за работа на „Алта банка“ АД Белград, сопственик на поранешната „Стопанска банка Битола“, во Битола беше поставена донацијата на битолската банка – споменикот на Јонче Христовски. Народниот пејач е извајан во својата препознатлива поза, со јакната во раката. Со должна почит кон пејачот, битолчани деновиве коментираат дека околностите во кои споменикот пристигна во градот се иронични.
„Да не се случи од некогашната ‘Стопанска банка АД Битола’, која пред една година е купена од ‘Алта банка’ од Белград, да ни остане само јакната на Јонче Христовски“, коментираат битолчани засегнати од случувањата со банката.
Споменикот беше поставен на 30 октомври, а на 31 октомври Народната банка на Србија ја објави одлуката за одземање на дозволата за работа на „Алта банка“ АД Белград. Веста предизвика вознемиреност кај клиентите и во Македонија, особено во Битола, каде што банката има долгогодишна традиција. Граѓани се упатија кон експозитурите и банкоматите за да ги повлечат своите средства. До крајот на денот од „Алта банка“ АД Битола биле повлечени околу два милиона евра, преку готовински исплати и банкарски трансфери.
Иако вработените и обезбедувањето ги смируваа насобраните граѓани со уверувања дека банката ќе продолжи со работа на 2 ноември експозитурите не работат со клиенти.
Во меѓувреме, Народната банка на Македонија на 1 ноември воведе привремена администрација во „Алта банка“ Битола, за да ги заштити средствата и интересите на штедачите и да ја зачува стабилноста на банката. Воведен е неделен лимит од 10.000 денари за плаќањата и повлекувањата од сметките преку платежни картички. Мерката дополнително ги вознемири клиентите, особено оние што очекуваат плати и пензии на почетокот на ноември, а не можат слободно да располагаат со парите.
„Стравуваме дека ова ќе биде трет ТАТ. Битола има горко искуство со банки и штедилници. На времето ни ги заробија девизите што ги заработивме црнчејќи во странство, па ни ги враќаа со години, наместо во девизи, во денари. Потоа ‘пукна’ ТАТ, ни отидоа пак заштедите и до денес не ни се вратени. И ова е третпат да го гледаме истото. Сега останавме без основното, без пензиите. Дајте ни ги парите и да си заминеме од оваа држава“, коментираат клиенти на банката од Битола.

Споменикот на пејачот на Јонче Христовски, донација од поранешната „Стопанска банка Битола“ беше поставен на 30 октомври, а на 31 октомври Народната банка на Србија ја објави одлуката за одземање на дозволата за работа на „Алта банка“ АД Белград. (Фото: СДК.МК)
„Алта банка“ АД Битола е правен наследник на „Стопанска банка Битола“, институција која со децении беше еден од главните финансиски столбови на градот. Основана во 1948 година како „Комунална банка – Битола“, таа помина низ неколку фази на интеграција со други банки, пред во 1995 година повторно да се осамостои како „Стопанска банка АД Битола“. Изградена врз долгогодишна доверба и блиски односи со клиентите, банката имаше значајна улога во локалниот економски живот.
Според каталогот на Македонската берза, во 2002 година меѓу големите акционери со право на глас биле ЗИК „Пелагонија“ и „Благој Ѓорев“ од Велес. Во 2013 година акции во банката купи „Пелистерка“ и стана најголем поединечен акционер. Во декември 2025 банката беше преземена од „Алта банка“ АД Белград на која мнозинството акционери ѝ ги продадоа акциите.
Историјатот на зградата на седиштето на банката на Широк Сокак оди уште подалеку. Таму до 1912 била сместена Отоманската банка, по Првата светска војна била Француско-српска банка, а веднаш по ослободувањето во 1945 била Земјоделска банка.
Иницијативата за поставување споменик на Јонче Христовски беше покрената во 2023, по повод 75-годишнината од основањето на „Стопанска банка Битола“. Банката најави дека ќе му подари на градот спомен-обележје на народниот пејач, роден во Битола, како своевидно оддолжување на заедницата во која ги поставила своите темели. Но, потоа банката се продаде. Споменикот конечно пристигна на 30 октомври во пресрет на драматичните случувања со белградската банка.
Финансиските извештаи за периодот до септември 2026 година покажуваат дека „Алта банка“ АД Битола остварила нето-загуба од 48,64 милиони денари, наспроти добивката од 49,15 милиони денари во истиот период претходната година. Во однос на планот, резултатот бил послаб за 36,27 отсто, односно за 12,95 милиони денари.
Сопственик на белградската „Алта банка“ е српскиот бизнисмен Давор Мацура, за кого српските медиуми пишуваа дека има блиски врски со Српската напредна партија на Александар Вучиќ. Во октомври 2026, во јавноста се појавија и сомнежи за наводни трансфери на големи финансиски средства од Србија кон Македонија и Русија, во чии рамки во медиумските извештаи беше споменувана „Алта банка“.
Народната банка на Србија соопшти дека одлуката за одземање на дозволата била донесена по контролни активности, при кои било утврдено значително влошување на финансиската состојба на банката и ризик за интересите на нејзините депоненти. Од „Алта банка“ Битола соопштија дека се посебен правен субјект и дека се ликвидни.
За битолчани, кои во минатото веќе се соочиле со пропаѓање банки и штедилници, најважно останува прашањето дали и кога повторно ќе можат слободно да располагаат со своите пари. А споменикот на Јонче Христовски, поставен токму во пресрет на кризата, за жал доби неочекувано горчлива симболика.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



