Лелеци, плач, клетви, молби се слушаат од граѓаните кои од рано наутро чекаат пред експозитурите на „Алта банка“ во Битола. На 31 октомври, Народна банка на Србија ѝ ја одзеде доволзата за работа на „Алта банка“ АД Белград, која е сопственик и на банката во Битола. Народната банка на Македонија на 1 ноември воведе привремена администрација во „Алта банка“ Битола, за да ги заштити средствата и интересите на штедачите и да ја зачува стабилноста на банката. Воведен е неделен лимит од 10.000 денари за плаќањата и повлекувањата од сметките преку платежни картички.
Иако банката најави дека денес нема да работи со клиенти, битолчани бараат да влезат внатре и да си ги земат парите.
Најголемиот дел од насобраните граѓани се пензионери кои и додека работеле ги користеле услугите на оваа банка, па доживувајќи ја со доверба како битолска, продолжиле од таму ја ја примаат и пензијата. Сега секој си ги бара своите права.
„Жената чека за пензии. Прво државата треба да им ги даде парите на пензионерите, да си ги земат пензиите. Како ќе живееме со 10.000 денари? Картичките не минуваат веќе во маркетите. Во Битола многу семејства се крепат со пензии. Ова е пропаст за градот. И не ни е првпат, секоја трета година се случува некоја афера“, рече битолчанецот Стево Николовски.
Има и граѓани кои во банката ја ставиле заштедата од целиот работен век, а денес наидоа на затворени врати и нема кој да им каже дали и кога ќе можат да си ги повратат парите.
„Тука имам заштедено пари и ми се заробени. Како ќе ги извадам јас тие пари ? Од што ќе живеам? Од работа ми се заштедени, а ни пензија сега примам, ни социјална помош, само од тие пари живеам. Имам над 160.000 евра. Нема кој да ни каже што ќе биде. Затворено е, не работат. Треба за на банкомат картички, ни картички не ни даваат. Сега ќе плачеме и ќе трпиме за корка леб“, рече една од битолчанките кои чекаа пред експозитурата.
Дел од граѓаните иако останаа без пари, стравуваат јавно да зборуваат за проблемот пред новинарите зашто некој им кажал дека ако поттикнуваат неред или организираат протести, кривично ќе бидат гонети. Така, засега има само редици пред експозитурите, а нема насилно однесување. Дел од битолчани, по професија дипломирани економисти, велат дека по мирен пат ќе бараат средба со гувернерот Трајко Славески за да му кажат што да направи да не дојде до трет ‘ТАТ’.
Зад камерите можат да се слушнат различни ситуации со кои се соочуваат клиентите од банката. Едни кажуваат дека во саботата од банкоматите одредени коминтенти извадиле и по 100.000 денари. Има и помалди кои чекаат да подигнат по 10.000 денари од пензиите на своите најблиски.
„Мојот свекор е неподвижен. Како сега ќе го однесам во друга банка за да извади трансакциска сметка и да ја префрлиме пензијата таму?“, рече битолчанката Билјана Страноевска.
Во следните денови се очекува да настане и гужва по другите филијали зашто граѓаните ќе се обидат да извадат картички и да ги префрлат платите и пензиите во друга банка.
Сликите со редици пред „Алта банка“ наликуваат како од времето на пропаѓањето на штедилницата ‘ТАТ’.
„На битолчани не им е првпат да горат. ‘ЈИК банка’, ‘ТАТ’ штедилница, сега и ‘Алта банка’. Дали има некој кој ќе им подаде рака во овие денови, за да го премостат проблемот, додека се реши случајот? А, ќе се реши ли??? И, можеби најубаво ќе си поминат оние кои ја трошат готовината до дваесетти во месецот, што ќе му е да штедат, и онака сè тргнало удолу. Или парите под перница“, вели Светлана Петковска, претседателка на Организација на жени каде меѓу членовите имаат и пензионерки.
Народната банка на Србија соопшти дека одлуката за одземање на дозволата била донесена по контролни активности, при кои било утврдено значително влошување на финансиската состојба на банката и ризик за интересите на нејзините депоненти.
Мерката на Народната банка на Македонија занеделен лимит од 10.000 денари за плаќањата и повлекувањата од сметките преку платежни картички, дополнително ги вознемири клиентите, особено оние што очекуваат плати и пензии на почетокот на ноември, а не можат слободно да располагаат со парите.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



