ВЛАДАТА ДА ПРОГЛАСИ КРИЗНА СОСТОЈБА ОТИ 1.000 КРАВИ УШТЕ ШЕТААТ НИЗ ГРАДОТ, БАРА ОПШТИНА КРИВА ПАЛАНКА

    ВЛАДАТА ДА ПРОГЛАСИ КРИЗНА СОСТОЈБА ОТИ 1.000 КРАВИ УШТЕ ШЕТААТ НИЗ ГРАДОТ, БАРА ОПШТИНА КРИВА ПАЛАНКАОпштина Крива Паланка од оваа недела воведува регистар на пријавени штети, кој ќе служи за евидентирање документирање на штетите и подготовка за заедничка тужба. (Фото: Архивска фотографија)

    Општина Крива Паланка бара од Владата да прогласи 30-дневна кризна состојба поради проблемот со кравите кои неконтролирано шетаат низ градот. Од Општинскиот кризен штаб велат дека над 1.000 грла добиток предизвикуваат сериозни штети. Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) се бара оперативен план во рок од една недела и постапување по правосилните решенија, без да се чека одлуката на Владата.

    „Повеќе од 1.000 грла добиток неконтролирано се движат низ територијата на општината, уништуваат земјоделски насади и оштетуваат приватен и општински имот. Граѓаните, особено земјоделците, секојдневно трпат сериозни материјални штети и финансиски загуби. Кризниот штаб оцени дека расположливите капацитети на Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за управување со одземен имот се недоволни во однос на обемот на проблемот. Затоа, од Владата се бара преку предложената кризна состојба да обезбеди дополнителен кадар, опрема, финансиски средства и координиран оперативен план со јасни одговорности и рокови“, велат од Општина Крива Паланка.

    Од Агенцијата за храна и ветеринарство се бара во рок од една недела да достави оперативен план за извршување на постојните правосилни и извршни решенија од 2024 година и да преземе конкретни теренски активности за нивно спроведување.

    „Планот треба да содржи распоред на акции по денови и локации, одговорни лица, доволен број стручни екипи и специјализирани возила, како и обезбедени услови за заловување, транспорт и сместување на добитокот опфатен со решенијата. Акциите треба да се спроведуваат во координација со надлежните институции, со видливо полициско присуство и асистенција и со соработка со локалното население. Доколку во наведениот рок АХВ не достави оперативен план и не преземе конкретни активности за извршување на решенијата, Општина Крива Паланка и група оштетени граѓани од месните заедници ќе поднесат кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство, за испитување на евентуална кривична одговорност на одговорните службени лица во АХВ поради непостапување и несовесно работење во службата“, додаваат од Општината.

    Општина Крива Паланка од оваа недела воведува единствен регистар на пријавени штети. Регистарот ќе служи за евидентирање документирање на штетите и подготовка за заедничка тужба на оштетените за надомест на штета пред надлежниот суд, доколку се исполнети законските услови. Оштетените граѓани треба да го пополнат формуларот за пријавување, да ги приложат расположливите докази и да ангажираат независно вешто лице кое ќе изготви наод и мислење за висината на штетата. Трошоците за судските постапки организирани во рамките на оваа иницијатива ќе бидат на товар на Општина Крива Паланка.

    Истражувањето на БИРН  од декември 2025 откри дека државата формално ги одзела животните од сточарот Гоце Ѓорѓиевски и неговите три ќерки уште пред една и пол година, по измените на Законот за благосостојба на животните. Сепак, Агенцијата за храна и ветеринарство е сопственик на добитокот само во документацијата, додека на терен ситуацијата е непроменета и кравите и понатаму лутаат без надзор низ планинските предели, често преминувајќи ја и државната граница.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира