ПО 26 ГОДИНИ, САД ГО ЗАГУБИЈА СТАТУСОТ НА ЗЕМЈА ВО КОЈА СЕ ЕЛИМИНИРАНИ МОРБИЛИТЕ

    ПО 26 ГОДИНИ, САД ГО ЗАГУБИЈА СТАТУСОТ НА ЗЕМЈА ВО КОЈА СЕ ЕЛИМИНИРАНИ МОРБИЛИТЕГодинава во САД се пријавени повеќе од 5.400 случаи на морбили, што е највисока бројка од 1991 година. (Фото: СДК.МК)

    Соединетите Американски Држави го загубија статусот на земја во која се елиминирани морбилите, откако независна комисија на експерти при Панамериканската здравствена организација (ПАХО) утврди дека болеста повторно континуирано се шири во земјата. Морбилите беа прогласени за елиминирани во САД во 2000 година благодарение на масовната вакцинација, но одлуката доаѓа по повеќегодишен пад на стапката на вакцинација и нагло зголемување на бројот на заболени, објави „Си-Ен-Ен“, повикувајќи се на извор близок до процесот, откако веста прв ја објави „Волстрит џурнал“.

    Меѓународниот комитет смета дека една инфекција е ендемска доколку ист сој на вирусот се пренесува од човек на човек најмалку една година во рамките на иста држава, што се утврдува преку анализа на генетскиот код на вирусите земени од пациентите. Во август, научници од јавната здравствена лабораторија во Јута објавија студија која покажа дека ист сој на морбили циркулира во таа сојузна држава повеќе од една година, при што меѓу јуни 2025 и јуни 2026 година биле регистрирани повеќе од 600 случаи. Долготрајни жаришта имаше и во Јужна Каролина, Пенсилванија, Висконсин, Њујорк и во други држави.

    Годинава во САД се пријавени повеќе од 5.400 случаи на морбили, што е највисока бројка од 1991 година. Најголемиот дел се поврзани со 43 нови жаришта од оваа година, додека над 1.000 случаи потекнуваат од жаришта што почнаа лани. Речиси сите заболени не биле вакцинирани со МРП-вакцината или нивниот вакцинален статус е непознат. Според податоците на Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), околу еден од девет пријавени пациенти завршил во болница, а според извештаите на сојузните држави, најмалку 10 луѓе починале по заразувањето.

    Две дози од вакцината против морбили, заушки и рубеола (МРП) го намалуваат ризикот од заболување за 97 проценти. Иако по 2000 година во САД секоја година имало помали жаришта донесени од патници од странство, високиот колективен имунитет спречувал нивно подолго ширење. Сепак, во 2025 и 2026 година вирусот наиде на сè повеќе невакцинирани семејства и заедници, во период кога и одредени претставници на администрацијата на претседателот Доналд Трамп, вклучително и самиот претседател, изразуваа сомнеж во безбедноста и ефикасноста на вакцините.

    Епидемиологот од Медицинскиот центар при Универзитетот Колумбија во Њујорк, д-р Нуван Гунавардана, рече дека ова претставува чекор назад за цела една генерација напредок во јавното здравство, додавајќи дека најзагрозени се децата кои се премногу мали за да примат вакцина, како и лицата со ослабен имунитет поради трансплантација на органи или канцер.

    Според професорот и експерт за морбили од Универзитетот Џонс Хопкинс, д-р Вилијам Мос, иако повеќето заболени закрепнуваат по неколку дена со треска и осип, болеста не е безопасна. Морбилите можат да ја избришат имунолошката меморија на организмот, оставајќи го пациентот ранлив на секундарни инфекции како пневмонија или дијареја. Доколку бремена жена се зарази, вирусот може да се пренесе на плодот и бебето да се роди со морбили, што го загрозува неговиот живот. Во ретки случаи, години по прележувањето, може да се развие и прогресивна и фатална невролошка компликација позната како субакутен склерозирачки паненцефалитис.

    Кодиректорот на Центарот за развој на вакцини при Детската болница во Тексас, д-р Питер Хотез, вели дека губењето на статусот е срамно за земјата, но дека поважната порака е оти морбилите се вратија, широко се распространети и дека поради падот на вакцинацијата состојбата нема наскоро да се врати во нормала.

    Морбилите се едни од најзаразните вируси познати на науката, при што едно заразено лице во просек може да зарази од 12 до 18 други лица, а вирусот се пренесува преку воздух и може да остане во просторија со часови откако болниот ќе ја напушти. Во 2016 година, ПАХО и Светската здравствена организација ги прогласија сите 35 земји во регионот на Америка за слободни од континуирано пренесување на морбили, но тој статус за регионот беше загубен лани, откако и Канада го изгуби статусот на земја со елиминирани морбили по долготрајна епидемија во повеќе провинции.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира