НА НЕПОДВИЖНИТЕ И ТЕШКОПОДВИЖНИТЕ ВЛАСТА ИМ ГИ СКРАТИЛА ЧАСОВИТЕ ЗА ЛИЧЕН АСИСТЕНТ, ГИ ТЕРА САМИ ДА СИ ДОПЛАЌААТ

    НА НЕПОДВИЖНИТЕ И ТЕШКОПОДВИЖНИТЕ ВЛАСТА ИМ ГИ СКРАТИЛА ЧАСОВИТЕ ЗА ЛИЧЕН АСИСТЕНТ, ГИ ТЕРА САМИ ДА СИ ДОПЛАЌААТСе случува досега невидено кратење финансиски средства на лицата со попреченост, се укинуваат законските права за личен асистент, намалување на законски загарантираните 80 часа неделно помош од личен асистент на возрасни неподвижни или тешкоподвижни лица. (Фото: СДК.МК)

    Без да направи проценка во домовите на лицата со тешка попреченост кои се зависни од личните асистенти, ни медицинска евалуација, државата им ги намалила 80-те законски загарантирани часови неделно за личен асистент, ги довело во ризик за тотална нефункционалност, несигурност во животот и сиромаштија.

    Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила дискриминација врз основа на попреченост во областа на социјалната заштита, кон лицата со попреченост кои се корисници на услугата лична асистенција, сторена од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади и надлежниот Центар за социјални работи.

    Уште во март, над 40 од корисниците на оваа услуга, помогнати од 26 асистенти, се обратиле со потписи во Комисијата и побарале да ги заштити од државата. Овие лица со попречености побарале системска заштита, а Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) поради сериозноста на состојбата, повела постапка по службена должност.

    Се случува досега невидено кратење финансиски средства на лицата со попреченост, се укинуваат законските права за личен асистент, намалување на законски загарантираните 80 часа неделно помош од личен асистент на возрасни неподвижни или тешкоподвижни лица, правото на образовни асистенти на децата со попреченост и други права кои досега овие граѓани ги остваруваа. САКАМДАКАЖАМ.МК извесен период ги евидентира ваквите случаи, бидејќи овие тешкоболни луѓе – не молчат, тие ги пријавиваат Министерството за социјална работа, Министерството за образование и наука, Центрите за социјална работа, Министерството за здравство.

    Во допис до КСЗД овие лица наведуваат дека законски загарантираните права од областа на социјалната заштита се ограничуваат, одложуваат или воопшто не се реализираат.

    „Како сериозен проблем што го наведуваат потпишаните, го сметаат самоволното и незаконско намалување на часовите за лична асистенција од законски утврдените 80 часа без никаква медицинска реевалуација или промена во функционалната состојба и потребите на лицата со попреченост. Според наводите со тоа се навлегува во правото на самостојно живеење, социјална инклузија и еднакво учество во општеството. Наведуваат дека како лица со попреченост, лишени се од основните услови за достоинствен живот, изложени се на зголемена зависност, социјална исклученост и сиромаштија“, пишува Комисијата за случајот, на својата веб-страна.

    Оштетените лица со попреченост поднеле жалби против решенијата на ЦСР за скратување на часовите за личен асистент, но Министерството за социјална работа, демографија и млади, им ги одбило.

    Во одговорот до Комисијата, Министерството вели дека надлежниот ЦСР решението за користење на услугата лична асистенција го носи врз база на тоа дали корисникот има поддршка од членови од блиското семејство, дали е во работен однос, невработен или пензионер, дали корисникот е вклучен во образовен процес, во професионална рехабилитација и други места каде се реализираат активности поврзани со извршување на образование и работно оспособување на корисникот, дали во истото семејство има и друг корисник на услугата лична асистенција.

    „Исто така, се земал предвид фактот дали корисникот на услугата користи права од социјална заштита (Помош и нега од друго лице во износ од 9.389 денари, Додаток за попреченост во износ од 10.209 денари), средства со кои може да се обезбеди дополнителна помош и поддршка од друго лице. Министерството вели дека во конкретниот случај не постои дискриминација“, наведува Комисијата.

    Комисијата посебно се осврнала на тоа дека државата ги тера овие неподвижни или тешкоподвижни лица со малите додатоци за помош и нега да: јадат, живеат, плаќаат сметки, кирии, рати и комуналии, да купуваат скапи лекови и истовремено да си доплатат сами часови за личен асистент.

    „Комисијата го ценеше и наводите на дека при определувањето на обемот на личната асистенција се зема предвид дали корисникот остварува парични права од социјалната заштита, односно право на помош и нега од друго лице и додаток за попреченост, со образложение дека со овие средства може да се обезбеди дополнителна помош и поддршка. Во оваа насока, Комисијата укажува дека остварувањето на парични права од социјалната заштита само по себе не претставува доказ дека потребата на корисникот од лична асистенција е намалена. Личната асистенција претставува индивидуализирана услуга за поддршка на независното живеење и учеството во заедницата, додека паричните права се остваруваат согласно посебно утврдени законски услови и имаат сопствена намена. Дополнително, член 28 од Конвенцијата го признава правото на лицата со попреченост на соодветен животен стандард и социјална заштита, како и пристап до услуги и програми за социјална заштита“, наведува КСЗД.

    Со утврдувањето на дискриминација од страна на државата врз корисниците на лични асистенти, Комисијата препорачува:

    1. во рок од 90 дена да изврши нова индивидуална проценка на потребите на корисниците на кои им е намален бројот на часови за лична асистенција. При проценката да се земат предвид конкретните активности за кои е потребна поддршка, бариерите со кои се соочуваат корисниците при независното живеење и учеството во заедницата, како и нивната волја и преференции, со обезбедување нивно активно учество во процесот на проценка и одлучување.
    2. во рок од 90 дена да се изврши увиди во домовите на корисниците
    3. во иднина секој надлежен ЦСР и Министерството да се воздржат од намалување на обемот на услугата лична асистенција без претходно спроведена соодветна индивидуализирана проценка на актуелните потреби на корисникот и без конкретно и објективно образложение за причините што ја оправдуваат промената на бројот на часови.
    4. да се престане со дискриминаторскиот пристап и користењето парични права од социјалната заштита да не се третира само по себе како доказ за намалена потреба од лична асистенција;
    5. Министерството и ЦСР да ја известат Комисијата за преземените мерки и да достават соодветна документација како доказ за постапувањето по препораките.

    Во спротивно Комисијата најавува пријава на двата државни органа пред надлежен суд.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира