ПРВАТА АУКЦИЈА ЗА ПРОДАЖБА НА „АЛТА БАНКА БИТОЛА“ ЌЕ СЕ ОДРЖИ НА 30 НОЕМВРИ

    ПРВАТА АУКЦИЈА ЗА ПРОДАЖБА НА „АЛТА БАНКА БИТОЛА“ ЌЕ СЕ ОДРЖИ НА 30 НОЕМВРИЕкспозитурата на „Алта банка“ во Струмица (Фото: СДК.МК)

    Првата аукција за продажба на „Алта банка“ АД Битола ќе се одржи на 30 ноември, со почетна цена од 3.777 денари по акција. Ако нема купувач, на секоја наредна аукција почетната цена ќе се намалува за 10 отсто во однос на претходната, соопшти Народната банка.

    На продажба се понудени 372.742 обични акции, односно 95,336 отсто од вкупниот број акции на Банката, во сопственост на „Алта банка“ АД Белград – во стечај.

    Продажбата ќе се спроведе преку Македонската берза, според моделот „сè или ништо“, односно купувачот ќе мора да го преземе целиот понуден пакет, без можност да купи само дел од акциите.

    Ако акциите не бидат продадени на првата аукција на 30 ноември 2026 година, следните ќе се одржат на 1, 2, 3, 4 и 7 декември.

    Заинтересираните инвеститори имаат рок до 19 ноември да достават барање до Народната банка за претходна согласност за стекнување квалификувано учество во Банката. Треба да достават и писмена изјава дека ќе ги уплатат средствата потребни за купување на акциите. На аукциите ќе можат да учествуваат само лицата што ги исполнуваат законските услови.

    Од Народната банка велат дека целта на продажбата е да се обезбеди нов сопственик и услови за натамошно стабилно работење на Банката, како и да се зачуваат интересите на штедачите и другите клиенти.

    Почетната цена на сегашната аукција од 3.777 денари е иста со цената по која „Алта“ од Србија на Давор Мацура ја презеде банката во декември 2025 година.

    Претходно, во 2024 година, македонската Комерцијална банка АД Скопје понуди 3.200 денари по акција, но понудата не ја прифатија доволно акционери.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира