Еден член на екипажот загина кога танкер со над осум милиони литри дизел ноќеска се преврте и потона кај шпанскиот остров Ибица. Владата на шпанските Балеарски Острови соопшти дека веднаш активирала планови за непредвидени ситуации бидејќи бродот „Мед Емре“ носел 8,2 милиони литри дизел.
Не беше веднаш јасно дали има истекување на горивото во морето. Според владата, специјализиран брод за спасување е распореден на местото за да се испита евентуалното загадување, а ситуацијата се следи и од воздух.
Средоземното Море е длабоко неколку стотици метри во областа каде што потонал бродот.
„Мед Емре“ патувал од Алхесирас во јужната шпанска покраина Кадиз до Барселона кога се случил инцидентот, соопштија властите. Бродот што пловел под знамето на Малта пријавил навлегување на вода околу 46 километри североисточно од Ибица во услови на невреме и бурно море.



