Подобрување на квалитетот на животот на лицата со афазија преку поттикнување на нивната социјална вклученост, комуникација и активно учество во заедницата е главниот придонес од отворањето на Клубот за афазија, вели д-р Нермин Теловска, директорка на Центарот за рехабилитација на патологија на вербална комуникација во Скопје. Афазијата е стекнато нарушување на комуникацијата кое настанува како последица на оштетување на мозокот, најчесто по мозочен удар, трауматска повреда или други невролошки заболувања. Таа влијае врз способноста за зборување, разбирање на говорот, читање и пишување.
Клубот, како неформално тело, функционира во рамките на Одделението за стекнати говорно-јазични нарушувања, каде што се спроведува третман на лица со афазија. Во Одделението работат искусни и стручно обучени логопеди, кои соработуваат со останатите стручни лица од Центарот, меѓу кои психолог, психијатар, специјален едукатор и рехабилитатор, како и други професионалци според потребите на корисниците.
„Поради потешкотиите во комуникацијата, лицата со афазија често се соочуваат со намалена социјална интеракција, чувство на изолација, намалена самодоверба и ограничено учество во семејниот, општествениот и професионалниот живот. Иако логопедскиот третман и советувањето претставуваат основни форми на рехабилитација, потребата од континуирани можности за комуникација и социјално вклучување останува присутна и надвор од терапевтскиот процес. Од тие причини, формирањето на Клуб за афазија претставува значајна дополнителна форма на поддршка на овие лица и нивните семејства“, вели д-р Теловска за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Директорката додава дека Клубот за афазија не претставува замена за здравствените услуги што ги обезбедува установата, туку дополнување на процесот на рехабилитација преку активности насочени кон социјална поддршка, инклузија и активно живеење на лицата со афазија.

Д-р Теловска (десно) вели Клубот за афазија не претставува замена за здравствените услуги што ги обезбедува установата, туку дополнување на процесот на рехабилитација преку активности насочени кон социјална поддршка, инклузија и активно живеење на лицата со афазија. (Фото: Центар за рехабилитација на патологија на вербална комуникација во Скопје)
Јавната здравствена установа, рече д-р Теловска, обезбедува групна терапија и советување како здравствени услуги кои се регулирани преку акредитирани процедури, соодветни шифри на услуги и финансиско покривање од Фондот за здравствено осигурување.
Покрај здравствените услуги, во рамки на Клубот за афазија можат да се реализираат активности од едукативен, социјален, културен и рекреативен карактер, како што се средби за дружење, креативни работилници, јавни кампањи за подигнување на свеста за афазијата, соработка со здруженија на граѓани и општествено одговорни организации, како и други активности насочени кон подобрување на социјалната интеграција и благосостојбата на лицата со афазија.
Со воспоставување партнерства со здруженија, локални заедници и општествено одговорни организации, можно е проширување на обемот на активности и создавање дополнителни можности за поддршка и активно учество на лицата со афазија во заедницата.
„Клубот обезбедува поддржувачка средина во која лицата со афазија можат да воспоставуваат и одржуваат социјални контакти, да разменуваат искуства, да стекнуваат чувство на припадност и да ја зајакнуваат својата самодоверба. Преку организирање на различни социјални, едукативни, културни и рекреативни активности, клубот придонесува за намалување на последиците од комуникациските ограничувања, спречување на социјалната изолација и поттикнување на независноста и активното живеење. На тој начин, претставува значајно дополнување на процесот на рехабилитација и поддршка на лицата со афазија и нивните семејства“, рече директорката.

Покрај здравствените услуги, во рамки на Клубот за афазија можат да се реализираат активности од едукативен, социјален, културен и рекреативен карактер, како што се средби за дружење, креативни работилници. (Фото: Центар за рехабилитација на патологија на вербална комуникација во Скопје)
Целта на воспоставувањето на регистарот е да се обезбеди систематско следење и увид во вкупниот број на лица со афазија кои ги користат услугите на установата, како и подобро планирање, организирање и унапредување на стручната работа и поддршката што им се нуди.
Секое лице се внесува во регистарот само еднаш, при првиот контакт со установата и му се доделува единствен регистарски број. За разлика од амбулантските дневници, во кои се евидентира секој поединечен преглед, третман или посета, регистарот служи како единствена база на корисници и не предвидува повторно внесување на истото лице.
„Податоците содржани во регистарот се користат исклучиво за стручни, организациски, статистички и развојни цели, во согласност со важечките прописи за заштита на личните податоци“, вели д-р Теловска.
Б. НЕСТОРОСКА



