ТУМОРИТЕ И КАМЧИЊАТА ВО УРИНАРНИОТ ТРАКТ СЕ ПОЧЕСТИ КАЈ МАЖИТЕ, ВАЖНО Е ДА СЕ СПРЕЧИ УШТЕ ПРЕД ПРВИТЕ СИМПТОМИ, ВЕЛАТ УРОЛОЗИТЕ

ТУМОРИТЕ И КАМЧИЊАТА ВО УРИНАРНИОТ ТРАКТ СЕ ПОЧЕСТИ КАЈ МАЖИТЕ, ВАЖНО Е ДА СЕ СПРЕЧИ УШТЕ ПРЕД ПРВИТЕ СИМПТОМИ, ВЕЛАТ УРОЛОЗИТЕД-р Огнен Точко и д-р Влатко Ристов на конференцијата во Велес. (Фото: СДК.МК)

Уролошките проблеми, како што се камчињата во уринарниот тракт (калкулоза) и туморите, во Македонија во поголем процент се појавуваат кај машката отколку кај женската популација, покажува статистиката,  беше истакнато на трибината за машкото здравје, која се одржа во Велес, во организација на „Мовембер Велес“.

Уролозите велат дека вниманието на мажите треба да биде насочено и кон овие здравствени проблеми, бидејќи 52 отсто од случаите со дијагноза калкулоза се кај мажи, а 48 отсто кај жени. Кога станува збор за оперативните зафати поради калкулоза, 60 отсто од пациентите се мажи, а 40 отсто се жени.

„Повеќето од нас се соочиле со овој проблем, можеби не лично, но преку некој близок, роднина, пријател или сосед. Бројките покажуваат дека станува збор за поголем проблем кај мажите. Тоа е дијагноза што често се појавува кај популацијата. Болката предизвикана од калкулоза е трета по силина, по породилните болки и очеболот. Важно е навремено да се побара лекарска помош. На појавата на калкулоза влијаат и генетската предиспозиција и ендемските подрачја, во кои спаѓа и Македонија, поради квалитетот на водата и хемискиот состав на почвата. Таа може да се појави и поради хормонални нарушувања на надбубрежната жлезда и на хипоталамусот. Затоа е важно навреме да се направи дијагностика уште при појавата на првите симптоми. Се вршат основни испитувања: крвна анализа, ехо-преглед на уринарниот тракт и рендген. Доколку резултатите се позитивни, се прави и компјутерска томографија. Наместо да се лекуваат, пациентите понекогаш тргнуваат по алтернативни патишта – одат во едно прилепско село, користат чаеви, но бидејќи болката не минува, освен ако камчињата не се исфрлат преку мокрењето, на крајот повторно се враќаат кај уролог. Камчињата може да се отстранат со ласер или со хируршки рез“, изјави д-р Влатко Ристов, уролог во Општата болница Велес.

Тој потенцира дека појавата на калкулоза не може да се спречи, но може навреме да се дијагностицира и третира.

За туморите на уринарниот тракт говореше д-р Огнен Точко, уролог од „Свети Наум Охридски“. Односот во зачестеноста на нивната појава е пет спрема еден во корист на мажите во однос на жените.

„Вообичаено, во овој месец посветен на машкото здравје се зборува за ракот на простатата, но не треба да се занемарат ниту туморите на уринарниот тракт. Тие лесно се откриваат со обичен ехо-преглед на уринарниот тракт. Повеќето мажи прават ПСА-анализа на крвта за откривање на ракот на простатата, а притоа се запоставува ехото, иако двете испитувања треба да се прават заедно. Ехо-прегледот, исто како и ПСА-анализата, треба да се прави еднаш годишно. При првиот ехо-преглед, мочниот меур треба да биде полн. Не треба да се занемарува крвта во урината, особено ако е безболна, бидејќи тоа е алармантен знак. Главна алатка за откривање на туморите е цистоскопијата, која е безболна, но непријатна. Пушачите се склони кон појава на тумори на уринарниот тракт, а до 70 отсто од случаите се кај лица што користат цигари. Ризик постои и кај пациенти кои имале допир со металуршки комбинати и хемикалии. Велес е средина во која се присутни овие елементи како можни предизвикувачи на заболувањето“, рече д-р Точко.

Од движењето „Мовембер Велес“ потенцираа дека со овој настан сакаат да поттикнат поголема информираност и да потсетат на редовните прегледи и навременото препознавање на симптомите, кои се важен дел од грижата за сопственото здравје.

На присутните на трибината, Општата болница Велес им подели ваучери за бесплатни ПСА-прегледи за откривање на ракот на простатата.

П. ПЕЧКОВ

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира