Синдикатот за култура на Македонија (СКРМ) протестираше пред Уставниот суд, кој денеска на седница треба да постапува по предметот во кој е оспорен член од Законот за културата и да решава за уставноста и законитоста на Колективниот договор за културата.
Претседателката на СКРМ, Вера Атанасовска, на протестот праша зошто за Колективниот договор за култура, од чие опстојување зависат стекнатите работнички права на илјадници вработени во културата, се одлучува токму денеска? Рече дека е затоа што идната недела им завршува мандатот на двајца судии, од кои едниот е претседателот на Уставниот суд, кој нивните работнички права јавно ги оквалификувал како привилегија.
„Знаеме дека во овој суд има предмети што со години чекаат да дојдат на ред. Така се купувало мир. Но, некои имаат привилегија да бидат решени токму пред заминувањето на судиите. Еден од тие предмети, што ви стои во фиока, е иницијативата на СКРМ за Упатството за пресметка на платите во културата, донесено од поранешниот министер, а денес координатор за култура во Владата, Зоран Љутков, со кое платите во културата се незаконски скратени“, рече Атанасовска.
На протестот, кој беше поддржан и од раководството на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), членовите и поддржувачи на СКРМ организираа симболичен погреб на правдата и правата, со звуци на посмртен марш и со запалени свеќи.
Атанасовска изјави дека не се дојдени за да вршат притисок врз Уставниот суд, туку за да им кажат на судиите дека „денес можеби ќе погребаат еден колективен договор, но нека не се надеваат дека со тоа ќе ги погребаат и луѓето што се борат за него“.
„Ќе ги оставиме судиите со дела да зборуваат денес и тие ќе решат и ќе потпишат дали ќе бидат егзекутори и гробари на правата и правдата или нивни бранители, ако воопшто тие решааат. Апсурдно е што пред највисокиот орган на заштита на уставноста, кој треба да е браникот на државата, денес ги браниме своите стекнати права. Бевме културни, трпеливи и коректни во изминатиот период, но очигледно, нашата култура беше погрешно протолкувана како слабост. Затоа дојде време да престанеме да бидеме само пристојни соговорници и да почнеме отворено да зборуваме и дејствуваме. А има за што да се зборува за сè што се случувало и што сè уште се случува во културата“, додаде Атанасовска.



