ДИРЕКТОРИТЕ НА ТЕЛЕКОМ СЕ НАГОДИЈА ВО САД ДА СИ ПЛАТАТ КАЗНИ ЗА ПОДМИТУВАЊЕ МАКЕДОНСКИ ПОЛИТИЧАРИ

    ДИРЕКТОРИТЕ НА ТЕЛЕКОМ СЕ НАГОДИЈА ВО САД ДА СИ ПЛАТАТ КАЗНИ ЗА ПОДМИТУВАЊЕ МАКЕДОНСКИ ПОЛИТИЧАРИПоранешниот главен извршен директор на Маџар Телеком Елек Штрауб ќе плати казна од 250 илјади долари и доби петгодишна забрана за вршење каква било директорска функција (Фото: Википедија/СЕЦ)

    Двајца поранешни директори на Маџар Телеком, Елек Штрауб и Андраш Балог, се согласиле да платат парични казни и прифатиле забрана за вршење дејност за да се запре случајот против нив во Њујоршкиот суд во кој се обвинети дека потплатиле функционери од Македонија и Црна Гора, соопшти американската Комисија за хартии од вредност и берза (СЕЦ).

    Унгарската компанија, која е мнозински сопственик во Македонски Телеком, плати казна од 95 милиони долари во декември 2011 година во паралелен случај за истото дело, потплаќање македонски и црногорски функционери за да добијат бизниси и да ја исклучат конкуренцијата во телекомуникациската индустрија. Со тужбата на СЕЦ, Штрауб и Балог беа обвинети за изработка на лажни договори со кои се пренасочувале милиони долари за коруптивни исплати. Двајцата функционери требаше да се појават пред суд месецов.

    Штрауб се согласи да плати 250 илјади долари казна и Балог се согласи да плати 150 илјади долари казна. Двајцата, исто така, се согласија, да добијат петгодишна забрана за каква било директорска позиција во компанија под надлежност на СЕЦ.

    „Директорите во овој случај беа обвинети дека ги предводеле тајните договори со премиер и други за да ги блокираат конкурентите на телекомот“, вели во соопштението Стефани Авакијан, в.д. директор на Извршниот оддел на СЕЦ.

    Сведок во случајот пред Њујоршкиот суд беше поранешниот разузнавач Слободан Богоевски, кој наведува дека на актуелни и на поранешни функционери во 2005 година им било исплатено мито од Маѓар Телеком преку грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас. Според сведочењето пред Њујоршкиот суд, Богоевски посочува и дека во скандалот, освен грчкиот бизнисмен Кондоминас, биле вмешани поранешниот премиер Владо Бучковски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и вицепремиерот Муса Џафери и поточно, во три наврати биле исплатени по 2,5 милиони евра.

    Ахмети за сведочењето на Богоевски бара отштета од три, а Џафери од два и пол милиони денари за стрес, нарушување на угледот и останата нематеријална штета. Судењето по тужбатата на Ахмети и Џафери има рочиште закажано за 25 мај. Богоевски, пак, најави кривични пријави против Ахмети и Џафери за попречување на правдата.

    За овие тврдења на Богоевски преклани под притисок на јавноста истрага отвори и Обвинителството за организиран криминал и корупција на чие чело беше Јован Илиевски. На 23 септември преклани ексразузнавачот Слободан Богоевски четири часа даваше исказ за случајот Маѓар Телеком. Тогаш во ОЈО за организиран криминал беше спроведен со полициска придружба од Кумановскиот затвор, каде беше на издржување на затворска казна од една година и седум месеци за финансиски малверзации при купување имот кај базенот Карпош. Од март минатата година тој е на слобода, а затворската казна ја коментира како одмазда за неговото сведочење дека бивши и сегашни највисоки функционери во Македонија земале милионски суми мито од Маѓар Телеком преку грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас.

    Остана тајна што кажал Богоевски пред македонските истражни органи, но тој тврдеше дека ќе го повтори истото што го кажал и пред американскиот суд во Њујорк каде се води процес против тројцата поранешни менаџери на Маѓар Телеком, Елек Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Марваи.
    Сведочењето на Богоевски во ОЈО за организиран криминал дојде откако Обвинителството отвори предмет по допрен глас по неговата изјава дадена за Њујоршкиот суд, а која беше јавно достапна од преклани во август.

    Поранешниот премиер Владо Бучковски, кој и самиот сведочеше пред Њујоршкиот суд, го негираше исказот на Богоевски, а Али Ахмети и Муса Џафери од ДУИ, уште кога ОЈО на Јован Илиевски отвори предистражна постапка, најавија тужби.
    Обвинителството на Јован Илиевски и на државниот обвинител Марко Зврлевски, не ја заврши постапката за Маѓар Телеком.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира