Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ почна да ги заменува палмите со јавори, откако речиси сите стебла од тропското дрво во Скопје се исушија зимава, но директорот на јавното претпријатие Душко Авировиќ вели дека тоа не е по нивна вина. Тој вели дека „Паркови и зеленило“ е само извршител на идејата и иницијативата на „Македонски шуми“.
„Да, палмите се заменуваат. Само денеска се отстранети 29 палми и на нивно место се засадени јавори. ‘Паркови и зеленило’ нема ниту една допирна точка со палмите. Тоа е идеја и иницијатива целосно на ‘Македонски шуми’. Нам само ни беше даден налог за садење. Се планира да се садат 50 садници, од кои 40 се јавори и 10 липи во четири конкретни зони низ градот Скопје“, изјави Авировиќ.
Во Скопје има палми од 2012 година, но најголем број од нив, околу 120, беа засадени во 2015 како дел од проект на „Македонски шуми“, со кој низ Македонија за половина милион евра беа засадени 1.100 палми.
Оваа зима на палмите засадени во 2015 година им беше втора. Првата зима претпријатието регистрираше само четири исушени палми, но оваа зима имаше далеку пониски температури за кои не помогнало ниту прихранувањето со ѓубре од калифорниски црви ниту пак заштитувањето на лисјата и стеблото.
Иако се проект на „Македонски шуми“ како владина инвестиција, палмите беа голем трошок за „Паркови и зеленило“, кои ја добија обврската да ги засадат и да ги одржуваат и покрај укажувањата дека такви дрвја не се погодни за скопската клима.
Е. БОЧВАРОСКА