Основното јавно обвинителство вечерва даде наредба да се приведат 15-мина учесници во нападот на Собранието и Министерството за внатрешни работи постапува по тоа барање, потврдија извори од полицијата и обвинителството.
Од обвинителството на Марко Зврлевски велат дека штом ќе бидат најдени, осомничените ќе бидат однесени во полициска станица и утре изнесени пред пред судија на претходна постапка и, најверојатно, ќе се бара притвор.
Претходно вечерва, Министерството за внатрешни работи побарало од Основното јавно обвинителство одредување притвор или одземање на патните исправи на четири лица, за кои од МВР велат дека се обезбедени докази дека биле организатори и водачи нападот во Собранието во четвртокот, потврдија извори од полицијата.
Станува збор за водачите на „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Игор Дурловски, за кои МВР бара од ОЈО под итно да бидат повикани на сослушување.
Утринава, пак, делегацијата на ЕУ во Скопје, американската амбасада, мисијата на ОБСЕ и канцеларијата на НАТО во заедничка изјава најостро го осудија, како што наведуваат, „организираниот напад во Собранието“ и велат дека очекуваат кривичните дела да бидат бргу истражени, дека организаторите и извршителите на нападот ќе бидат изведени пред лицето на правдата, а судовите дека ќе дејствуваат самостојно.