Директорот на Македонска опера и балет Игор Дурловски реагира на текстот „Иванов му даде орден за заслуги на Дурловски“ и го обвинува нашиот портал дека меша баби и жаби.
Во дописот, насловен демант, тој пишува дека е згрозен и објаснува дека „д-р Ѓорге Иванов, НЕ МУ ДАДЕ ОРЕДЕН (sic) ЗА ЗАСЛУГИ НА ДУРЛОВСКИ, туку Директорот на Македонската опера и балет, г-дин Игор Дурловски, во името на вработените на Македонската опера и балет ГО ПРИМИ Орденот за заслуги за Македонија“. Тој демантира дека орденот е даден по повод 9 мај, денот на победата над фашизмот, „туку, ПО ПОВОД ДВА ЗНАЧАЈНИ ЈУБИЛЕИ ЗА МАКЕДОНСКАТА ОПЕРА И БАЛЕТ И ЗА РЕБУБЛИКА (sic) МАКЕДОНИЈА, 70 ГОДИНИ МАКЕДОНСКА ОПЕРА И БАЛЕТ И 45 ГОДИНИ ОПЕРСКИ ФЕСТИВАЛ, „Мајски оперски вечери“!“
Дурловски бара да се извиниме за дезинформацијата или во спротивно ќе сме се виделе на суд.
Се извинуваме што со изборот на фотографијата, на која се гледа како Иванов му дава орден за заслуги на Игор Дурловски, можеби сме предизвикале непријатности кај нашите читатели и вработени во МОБ.
Игор Дурловски е еден од организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“, чиј протест на 27 април прерасна во организиран напад во Собранието, при што беа повредени над 100 пратеници, новинари, полицајци и граѓани.
На доделувањето на наградата во претседателската вила присуствуваше и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, која на 27 април во улога на пратеник од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се гушкаше со маскирани лица и други напаѓачи што подоцна им ги скршија главите на лидерот на парламентарното мнозинство Зоран Заев, нејзината колешка Радмила Шеќеринска и други пратениците од мнозинството, а лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села го претепаа речиси до смрт.
Кабинетот на претседателот Иванов самиот ги објави фотографиите од денешниот настан и не покани новинарски екипи за следење на доделувањето на наградата по повод јубилејот на Македонската опера и балет, чиј директор е Игор Дурловски.