БОМБИТЕ ТРЕБА ДА ВАЖАТ КАКО ДОКАЗ, А ВРХОВНИОТ СУД НЕ МОЖЕ ДА ИЗИГРУВА ЗАКОНОДАВЕЦ И ДА ОДЛУЧУВА ЗА НИВ, ВЕЛИ СУДИЈКАТА ЛАЗАРОВА-ТРАЈКОВСКА

    БОМБИТЕ ТРЕБА ДА ВАЖАТ КАКО ДОКАЗ, А ВРХОВНИОТ СУД НЕ МОЖЕ ДА ИЗИГРУВА ЗАКОНОДАВЕЦ И ДА ОДЛУЧУВА ЗА НИВ, ВЕЛИ СУДИЈКАТА ЛАЗАРОВА-ТРАЈКОВСКАИдејата Врховниот суд да одлучи дали бомбите на лидерот на опозицијата Зоран Заев може да бидат доказ во кривична постапка, е на претседателот на судот Јово Вангеловски, а судијката Мирјана Лазарова – Трајковска, на врховните судии денеска им дала 35 примероци од пресуди на Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур според кои, нелегално стекнати материјали може да бидат докази во судски постапки (Фото: СДК.МК)

     

    Досегашната судијка во Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур Мирјана Лазарова – Трајковска, на врховните судии денеска им дала 35 примероци од пресуди на Судот според кои, нелегално стекнати материјали може да бидат докази во судски постапки.

    Идејата Врховниот суд да одлучи дали таканаречените бомбите што пред две години ги објави тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев може да бидат доказ во кривична постапка, е на претседателот на судот Јово Вангеловски.

    „Водилка мора да биде јавниот интерес визави приватниот интерес, односно заштитата на приватниот живот на поединците. Моето мислење е дека во однос на оваа расправа во Врховниот суд , Судот не може да си земе улога на законодавец и тој да ја уредува таа материја туку треба да се дозволи индивидуализација на секој случај, индивидуален пристап на секој случај. Останува на судечкиот суд да одлучи во која постапка незаконски обезбедени докази ќе бидат прифатени како докази (ако се зборува генерално, тие не се врзуваат само со прислушуваните разговори), а во која постапка ќе бидат користени како индиции. Во некои, може и ќе бидат отфрлени“, рече Лазарова – Трајковска, по прекинувањето на денешната општа седница на Врховниот суд.

    Искусната судијка предупреди дека судечките судови мора да внимаваат за добро објаснување на тестот на пропорционалност кога ќе го спротивстават јавниот интерес наспроти приватниот. Тие мора да образложат зошто го прифатиле јавниот интерес.

    „Во вакви случаи каде имате масовна појава, тука јавниот интерес е да се дојде до вистината и тоа е водечкиот интерес. Вистината треба да биде водилка во третирањето на фактите во првостепените судови. Еден од одговорите е содржан и во пресудата на Апелациониот суд Скопје, а тоа е дека не може да се зборува за создавањето туку за прибавувањето. Тие се прибавени врз основа на закон, лекс специјалис, кој се занимава со содржината на незаконските прислушувани докази. Тука со законот за СЈО законодавецот прифатил дека има проблем и дека ќе треба да се испитува содржината на докази со таква карактеристика и тоа е основата од која треба да се тргне понатака. Како ќе одлучат судовите ќе зависи од нивното разбирање на правото и правдата“, рече Лазарова – Трајковска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира