НЕМА ДА ИМА ДОЖИВОТНИ ПРЕТСЕДАТЕЛИ, ПОРАЧА НОВОТО РАКОВОДСТВО НА ЛЕКАРСКАТА КОМОРА

    НЕМА ДА ИМА ДОЖИВОТНИ ПРЕТСЕДАТЕЛИ, ПОРАЧА НОВОТО РАКОВОДСТВО НА ЛЕКАРСКАТА КОМОРАСо сегашните решенија во статутот на извршни и раководни места во Лекарската комора некој лекар може да остане неограничено, а претходно беше ограничено на два мандати. - Претседателката на Лекарската комора Калина Гривчева Старделова и нејзиниот заменик Илбер Бесими (Фото: СДК.МК)

    Ќе се менува новиот статут на Лекарската комора, кој беше донесен на 23 февруари годинава за да се ограничат раководните позиции на максимум два мандата. Д-р Калина Гривчева Старделова, која завчера беше избрана за нов претседател на Лекарската комора, најави дека новото раководство на лекарското еснафско здружение ќе бара измена на статутот, бидејќи тој е спорен од повеќе аспекти.

    „Со сегашните решенија во статутот на извршни и раководни места во Лекарската комора некој лекар може да остане неограничено, а претходно беше ограничено на два мандати. Иако сме избрани според новиот статут, сметаме дека никој не треба доживотно да биде на раководна позиција во комората и со измена на статутот ќе бараме тоа повторно да биде ограничено на два мандати“, рече д-р Старделова.

    Спорно според неа е и тоа што новиот статут е донесен без потребното двотретинско мнозинство, односно на Собранието на комората на 23-ти февруари од вкупно 67 делегати за статутот гласале само 27.
    „Статутот е донесен од луѓе на кои една година им е истечен мандатот. И по стариот статут раководството и телата на комората може да носат одлуки шест месеци по истекот на мандат, а овде и тоа е пречекорено“, рече д-р Старделова.

    Таа најави дека по формирање на комисиите и останатите тела во Комората, ќе почнат со постапка за измена на статутот, и дека самите си дале рок од шест месеци тој да се промени.
    Поништување на овој статут, кој беше донесен додека претседател на Лекарската комора беше д-р Кочо Чакаларовски, а потпретседател д-р Ленче Нелоска, од Основен суд Скопје 2 побараа тројца лекари.
    Д-р Лилија Чолакова Дервишова, заедно со двајца колеги побара од судот да го поништи статутот, бидејќи сметаат дека со него Комората ја губи својата улога да ги штити интересите на лекарите. Освен неограниченото траење на мандатите, според д-р Чолкова Дервишова се прави и дискриминација на лекарите при изборите во Лекарската комора во зависност дали се од Скопје или од другите градови.

    „Со новиот статут определени се делегати и од приватните лекари, но само во Скопје. Тоа значи дека во Скопје на едно место ќе се гласа за приватни лекари, кои ќе бидат делегати во општинските одбори и во собранието, а на друго место лекарите од јавно здравство. Во другите градови листите за приватни и лекари од јавно здравство се заеднички. Сметаме дека со тоа се прави дискриминација“, рече тогаш д-р Чолакова Дервишова.

    Овие лекари од граѓанскиот суд тогаш побараа да донесе времена мерка да се запрат изборите и да се поништи статутот. Но, ваква времена мерка не беше донесена и изборите во Лекрската комора се оддржаа на 6-ти минатиот месец, според спорниот статут.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира