Неколку повредени демонстранти, повреден новинар и фоторепортер и десетина приведени има по бурната ноќ во Скопје кога беше демолирана народната канцеларија на претседателот во центарот на градот.
Незадоволни граѓани втор ден протестираа против одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да аболира 56 политичари и нивни соработници кои се осомничени, или можат да бидат осомничени за поврзаност со криминал и корупција што произлегува од прислушуваните разговори.
Протестот почна пред седиштето на Специјалното јавно обвинителство, како поддршка на оваа институција. Потоа се пресели кон канцеларијата на претседателот за односи со граѓаните, па пред Собранието. Кога демонстрантите се обидоа да одат кон седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, полицијата ги сопре и тие надмудрувајќи се со полицајците тргнаа по друг пат и патем го искршија излогот на Канцеларијата на Иванов, го запалија мебелот и ја гаѓаа зградата на Министерството за правда со камења. Тука полицијата ги разби во помали групи и приведе десетина демонстранти.