СЕ СУШИ РЕТКАТА ШУМА ОД ФОЈА НА ГОЛЕМ ГРАД ВО ПРЕСПА

    СЕ СУШИ РЕТКАТА ШУМА ОД ФОЈА НА ГОЛЕМ ГРАД ВО ПРЕСПАОваа природна реткост е загрозена од изметот на птиците корморани кои се гнездат на стеблата од фоја, но иако е забележана ерозијата, нема поактивна заштита на шумата од автохтоното зимзелено дрво (Фото: СДК.МК)

    Се суши ендемската шума од зимзеленото автохтоно дрво фоја на островот Голем Град во Преспанското Езеро. Оваа природна реткост е загрозена од изметот на птиците корморани кои се гнезадат на стеблата од фоја. Во најголема мера уништени се стеблата на источната страна од островот која изобилува со птичји гнезда  бидејќи е потопла.

    „Татковина на ова дрво е Кавказ, а тука било донесено од Ерменија. Во последните години се појавува проблем со кормораните кои застануваат и се оплодуваат на неговите гранки. Нивниот имет, поточно фосфатите го сушат дрвото“, објаснува биологот д-р Никола Христовски.

    Фојата развила најгуста шума на Голем Град, а е застапена со по некое стебло на планината Галичица и околни преспански села. Од растението кое опстојува десет века на овој остров природата направила вистинско чудо. Нараснало по пет метри со густи крошни кои островот, иако е на среде езеро, го прекриваат со сенка. Истовремено, по чистиот воздух и миризба на зимзелена шума се добива чуство како посетителот да е меѓу најгустите моликови стебла на Пелистер.

    Фојата, што опстојува десет века на овој остров, развила најгуста шума на Голем Град, а ја има со по некое стебло на планината Галичица и околни преспански села. Дрвјата нараснале по пет метри со густи крошни кои островот, иако е на среде езеро, го прекриваат со сенка (Фото: СДК.МК)

    Жителите од Преспа се едногласни во ставот дека е потребна поактивна заштита на шумите од фоја.

    „Вака е веќе неколку години, не сме слушнале дека се презеле некои поактивни мерки за неејина заштита“, вели Симе Митков од преспанското село Стење.

    На интернет страницата посветена на прокетот „Да ја израдуваме природата“ на Министерството за животна средина е објавено дека шумата на дива фоја на островот се наоѓа во стадиум на климакс.

    „Ако се продолжи со ваквиот начин на управување неминовно ќе дојде до нејзино изумирање. Голем придонес за ваквата состојба дава и колонијата корморани кои почнаа да се гнездат на стеблата на фојата во последните години. Нивното присуство, особено составот на екскрементумот предизвикува сушење на стеблата на кои се направени гнездата“, пишуваат од Министерството за животна средина.

    Кормораните се птици кои претежно на Голем Град доаѓаат во мај и во јуни почнуваат да несат јајца, а на крајот на јули имаат подмладок. Тие се хранат со риба, при што нуркаат. По нив пеликаните знаат каде има риба и ја ловат. Во последниве неколку години зголемен е бројот и на пеликани и на корморани на Преспанското Езеро.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира