Руски шпиони и дипломати речиси една деценија работеле на ширење пропаганда и провоцирање раздор во Македонија, како дел од пошироките напори на Кремљ да го зголеми своето влијание во земјите од поранешна Југославија и да го спречи нивното членство во НАТО, како и да ги држи подалеку од западното влијание, пишува британскиот весник „Гардијан“, повикувајќи се на разузнавачки документи што протекле во јавноста.
Овие активности почнале во 2008 година, пишува весникот, повикувајќи се на класифицирани документи од македонските тајни служби, до кои дошла меѓународната мрежа за известување за организиран криминал и корупција, македонската НоваТВ, Српската мрежа за истражување криминал и корупција „Крик“ и британскиот весник „Гардијан“.
Сознанијата од документите ги покажуваат и напорите на српското разузнавање за поддршка на „антизападните и на проруските националисти во Македонија“.
„Со употреба на сите техники и методологии на таканаречената мека моќ, како дел од стратегијата на Руската федерација на Балканот, целта е изолација на земјата (Македонија) од влијанијата на Западот“, било наведено во еден од документите.
Според еден од извештаите, подготвен на почетокот на годинава за шефот на Управата за безбедност и контраразузнавање Владимир Атанасовски, било наведено дека во последните 9 години Македонија е „под силна субверзивна пропаганда и разузнавачки активности спроведувани преку Амбасадата на Руската федерација“, пишува „Гардијан“. Почетокот на руските активности во Македонија коинцидира со уназадувањето на македонските напори за приклучување кон НАТО во 2008 година кога Грција стави вето поради долгогодишниот спор со името, забележува британскиот весник.
Разузнавачките активности на Москва биле спроведувани од амбасадата во Скопје, преку тројца агенти на руското надворешно разузнавање (СВР), а водени од канцеларијата на СВР во Белград, како и преку четворица воени разузнавачи координирани преку Софија, Бугарија, се наведува во материјалите.
Во еден од нив било наведено дека руските агенти работеле и на регрутирање на сегашни и на поранешни припадници на македонската армија и еден министер за внатрешни работи со цел да креираат „критична маса од воено обучени лица кои во одреден важен политички момент или ситуација би биле корисни за постигнување на руските интереси“.
Агентите преку парични фондови се обиделе да влијаат и врз македонски, но и медиуми на албански јазик во Македонија со цел „да шират информации и дезинформации за поддршка на руските политики“.
Протечените разузнавачки документи ги посочуваат руските почесни конзулати во Битола и Охрид како „разузнавачки бази“. Тие заедно со почесниот конзулат во Скопје се отворени минатата пролет во исто време.
Русија, исто така, и има фрлено око на Македонија во однос на гасот и односите со Европа. Руската компанија „Стројтрансгаз“ започна со конструкција на гасни делници во земјата уште во 2015 година. Трошоците изнесуваа 75,7 милиони долари коишто во поголемиот дел беа покриени од Русија преку подмирувањето на клиринишкиот долг кон Македонија од 60 милиони долари наследен од Советскиот сојуз.
Русија, исто така, драстично го зголеми своето културолошко влијание во земјата туркајќи ја идејата за пан-словенски идентитет и заедничката Православна црква, се вели во документот.
Руската амбасада го надгледуваше отворањето на околу 30 македонско-руски пријателски асоцијации во земјата, како и отворањето на рускиот културен центар во Скопје, но и спонзорирањето на изградбата на руски цркви и крстови низ земјата, се вели во документите.