ЕВН Македонија потврди дека синоќа е исклучена струјата во студентскиот дом „Гоце Делчев“, но не даде информaции колкави се долговите за неплатена, а потрошена електрична енергија.
„ЕВН исклучувањето на струјата го прави како последна мерка. Студентскиот дом, како и сите други претплатници не е изземен од тоа. Не даваме информации за долгови на конкретни субјекти, бидејќи со тоа се навлегува во должничко-доверителските односи. Можеме да кажеме дека проблемот сега е надминат и е постигнат договор за отплата на долгот“, велат од ЕВН.
Дознаваме дека студенскиот дом со ЕВН имал договор долговите за потрошената струја да ги плаќа на рати, но дека последните неколку месеци не се платени ниту ратите, ниту потрошената струја за тековните месеци и сега повторно е направен договор за плаќање на рати.
Синоќа откако студентскиот дом „Гоце Делчев“ остана без струја, поради неплатени долгови, студентите реагираа до Министерството за образование и наука, а министерката Рената Тренеска-Дескоска, која веднаш отишла во домот, рече: „Успеавме да воспоставиме контакт со компанијата за повторно да се приклучи студентскиот дом на електрично напојување и за да може активностите да се одвиваат нормално“.