На денешната пленарна седница пратениците со 61 глас „за“ и два гласа „против“ го усвоија ребалансот на буџетот. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ иако учествуваа во петте дена расправа за ребалансот на буџетот, за време на гласањето ја напуштија седница за, како што рече пратеникот Илија Димовски, цела одговорност да ја остават на парламентарното мнозинство.
Со ребалансот на буџетот, приходите и расходите се намалуваат за 2,9 милијарди денари и се предвидува економски пораст од 2,2 проценти на домашниот бруто-производ.
Според министерот за финансии, Драган Тевдовски најголемо кратење има на непродуктивните трошења, на патувања и реклами промоции. За првпат, најголемо кратење имаше од буџетот на кабинетот на премиерот при што беа скратени 420 милиони денари.
Тевдовски вели дека со кратењето на непродуктивните трошења ќе се обезбеди можност за буџетирање на нови мерки кои значат поддршка за граѓаните или домашните фирми. Тие мерки се минимална плата, решение за стечајците, поддршка за малите и средните претпријатија и земјоделците, укинување на радиодифузната такса и слично.
Буџетскиот дефицит е проектиран на 18,57 милијарди денари. Отплатата на долгот изнесува 18,35 милијарди денари во 2017 година. Во согласност со тоа, потребата за финансирање изнесува 36,92 милијарди денари.
Финансирањето на буџетскиот дефицит и отплатата на долгот ќе се обезбедат преку задолжување на домашниот пазар на државни хартии од вредност, кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти, како и од депозитот пренесен од минатата година.
Според ВМРО-ДПМНЕ, со овој ребаланс на буџетот нема да има никаков економски пораст и нема да биде завршен ниту еден проект. Пратениците на опозицијата сметаат дека за сметка на кратењето на капиталните инвестиции ќе има пари за вработувања на партиски кадри. ВМРО-ДПМНЕ обвини дека се кратат пари за образованието, здравството и промоција на државата.
Тевдовски пак на овие обвинувања одговори дека капиталните инвестиции се проектирани реално од 23 милијарди денари, а нивната реализација во последните неколку години не надминала повеќе од 19 милијарди денари.