Се поклопи на шестиот ден на Саревскиот филмски фестивал, да му биде дадена наградата Срце на Сараево на светски познатиот монтипајтоновец, Џон Клиз, а и Македонија да има три премиери.
По премиерата во Берлин, вчера во Сараево премиера во регионот имаше филмот на Теона Стругар Митевска, „Кога денот немаше име“, работен со косценаристката Елма Татарагиќ, програмска директоркана на фестивалот во Сараево.
Филмот, инспириран од трагедијата на Смилковското езеро ја предизвика публиката за прашања по проекцијата која беше проследена со интерес, со гласни реакции на одредени комични ситуации, и со аплауз на крајот. За самиот крај на филмот, Лабина Митевска, продуцент и актер рече дека филмот како да има два краја зашто сепак одлучиле да не ја испраќаат публиката со мачнина во стомакот по проекцијата, и дека искрено веруваат дека проблемите со кои се соочува Македонија може да имаат пооптимистечен крај.
Теона одговори на прашањето околу изборот на натуршчиците кои тогаш имале помеѓу 14 и 16 години, и рече дека е горда кога сега ги претставува како студенти на глума, режија, на сликарство. Голем аплауз доби Игорчо Постолов кој е со хендикеп. Тој ем што ја одигра одлично својата улога, туку беше со емоции поздравен и поради неговото инсистирање да влезе во филмот, зашто тогаш ѝ рекол на Теона:„Земи некои од нас тројца со хендикеп, кој било. И ние заслужуваме да бидеме видени“. Игорчо е студент по психологија.
Втората македонска премиера беше на документарецот „Со љубов“ (Avec L’Amour) на режисерот Илија Цветковски и на монтажерот Атанас Георгиев. Филмот кој предизвика многу емоции во полното кино и кој е во трка за награди е за Дионис, професор пред пензија по биологија во Неготино кој собира стари коли и кој направи музеј за олдтајмери. Пред Синеплексот дојде неговиот фејсбук пријател Едо, со реплика на колата во која се возел кралот Фердинанд кога е убиен во Сараево, чија приказна за пасијата и љубовта на Дионис кон колите и кон животот, доби уште повеќе сила. Георгиев рече дека на филмот работеле 6 години и дека македонската премиера е на престојниот „Македокс“.
Драган Бјелогрлиќ како актер и режисер, со голема екипа од Белград и од Скопје, продуцентот Томи Салковски и глумицата Јана Стојановска, во Сараево претпремиерно презентираше две епизоди склопени во филм од ТВ серијата „Сенките на Балканот“, што од октомври ќе се имитува во регионот. Се работи за 11 епизоди од по 1 час, и е интересен историски трилер зачинет со мистика, лоциран во бурните времиња на крајот на 20-те години на 20.век, во Кралството СХС.