Затворени се хируршките сали на Клиниката за очни болести во Скопје, бидејќи се реновираат. Од Министерството за здравство информираа дека од Клиниката за очни болести добиле известување дека оперативниот блок, односно хируршките сали се затворени од 14. овој месец, и дека хируршки интервенции нема да се вршат до 18 септември, до кога ќе траат градежните активности.
„Итните случаи ќе бидат згрижувани и оперирани во асептична сала за хируршки интервенции“, велат од Министерството за здравство.
Во моментов од јавните здравствени установи во Скопје операции на очи се прават само во градската општа болница „8-ми септември“, но и таму бројот на хируршки интервенции е редуциран уште од лани во декември, поради недостиг од средно медицински кадар.
Операции на очи на товар на Фондот за здравствено осигурување се прават и во Турската очна болница и во Систина офталмологија, но таму е ограничен бројот на интервенции што се прават на трошок на државата.