Компаниите што отвораат нови работни места ќе добиваат државна помош само ако работниците добиваат плата над 18.000 денари, и тоа 10 отсто од вредноста на платата. Колку расте платата, и субвенциите може да пораснат до 16 отсто. Ова е една од мерките во Планот за економски раст што Владата од денеска го става на јавна расправа.
„Владата почнува процес што ќе овозможи економски раст и раст на животниот стандард. Мерките се насочени кон зголемување на извозот и конкурентноста, засновани врз ослободување на приватниот сектор од политички стеги, транспарентност на политиките каде секој инвеститор ќе може да избере пакет на помош, еднаков третман на домашните и странските инвестициите и следење и мерливост на инвестициите. Ја отвораме спиралата на зголемување на платите“, изјави премиерот Зоран Заев.
Мерките се дизајнирани да поддржат инвестиции со раст на приходите и ненамалување на работни места. Нема да важат за компании кои се веќе субвенционирани, регулирани и од лиценцирани дејности или кои користат концесија, туку се само за компании на слободниот пазар. Мерките се поделени се во три групи – за поддршка на целата економија, без оглед дали компанијата работи во зоните и дали е домашна или странска, за извозни компании и за мали и средни претпријатија.
„На исплатена плата која е над двојно повисока од просечната, на компанијата ќе и бидат вратени 20 отсто од парите, што значи на плата од 45.000 денари на компанијата и се враќаат 9.000 денари. Ова е мерка за задржување на високообразованите кадри во земјата“, објасни вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Секој странски инвеститор кој ќе соработува со домашни компании ќе биде поддржан, така што во период од 5 години ќе може да добива субвенција, така што кај набавки од 100.000 милиони евра, ако 10 милиони евра се од домашни компании, ќе се субвенционира 1 отсто од вредноста на набавките.
За интернационалните компании со над една милијарда приходи предвидени со посебни мерки, но и тие ќе бидат транспарентни.
Мерките ќе се применуваат по завршните сметки за годинава, во 2018 година а поддршката за купување средства и рестартирање на претпријатија кои се во стечај или ликвидација ќе може да се користат по преточувањето на мерките во владина програма, во октомври.
На програмата нема да се троши повеќе од тоа што досега било трошено како државна помош, со таа разлика што ќе биде транспарентно и инвеститорите нема да мора да доаѓаат во нашите канцеларии туку мерките и помошта сами ќе можат да ја пресметаат, одговори Заев на прашањето за финансиската конструкција на Планот за економски развој.
„Нашата амбиција останува 5 отсто БДП како просек во четирите години од мандатот“, изјави Заев.
Во спороведување на мерките, Владата ќе ги вклучи ТИРЗ, агенциите за странски инвестиции и за поддршка на мали и средни претпријатија и другите институции од овој делокруг, откако, како што беше најавено, ќе бидат консолидирани.
Со новите мерки, според симулацијата, странските инвеститори во зоните кои добро работат, би добиле поголема државна помош.
А. САЛТИРОВСКА