Стотици истражувачи и научници од целиот свет пристигнаа во Лос Анџелес, за да присуствуваат на последните часови од животот на една од најдолгите вселенски мисии во историјата.
Американското летало Касини денеска по 13 часот по македонско време спектакуларно ќе навлезе во атмосферата на Сатурн, што ќе значи нејзино самоуништување, точно 20 години од лансирањето. Земјата ќе добие информација за ова 83 минути подоцна.
Влегувајќи со брзина од 120.000 километри на час, леталото постепено ќе се распадне во парчиња и ќе изгори, но научниците се надеваат дека во последен момент, пред да се изгуби радиоконтактот, ќе добијат информации за хемискиот состав на гасовите на Сатурн.
„Последниот сигнал на Касини ќе биде како ехо. Бевме неверојатен тим, дојдовме до неверојатни научни сознанија. И затоа мислам дека треба да славиме. Но, имаме уште многу работа, луѓето сакаат да знаат уште за Сатурн“, изјави Елен Стофан, која порано раководеше со научниот тим на НАСА.
Касини беше лансиран во 1997 година и му требаа седум години да помине 3,6 милијарди километри до Сатурн, а во наредните 13 години собра огромно богатство податоци за планетата и за нејзините месечини. Тој почна да останува без гориво, па беше донесена одлука да се заврши мисијата, која чинеше четири милијарди долари.