ТАЛЕСКИ ГО БОЈКОТИРАШЕ „БРАЌА МАНАКИ“ ДО ЕДНА НЕДЕЛА ПРЕД ПОЧЕТОКОТ

    ТАЛЕСКИ ГО БОЈКОТИРАШЕ „БРАЌА МАНАКИ“ ДО ЕДНА НЕДЕЛА ПРЕД ПОЧЕТОКОТРаководството на фестивалот „Браќа Манаки“ денеска ја објави програмата во Битола (Фото: А. Котевски)

    Низ тешки сцили и харибди поминувавме, низ непријатни, валкани игри и недостоинствени моменти, но свесни дека обавуваме благородна мисија не се откажавме туку го подготвувме фестивалот, рече Благоја Куновски-Доре, селектор и директор на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ на денешната прес конференција во Битола. На неа не присуствуваше битолскиот градоначалник Владимир Талески, иако како што кажаа организаторите на фестивалот од Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ), тој бил уредно поканет.

    На осум дена пред почетокот на манифестацијата дури деновиве организаторите потпишуваат договор со Општина Битола која треба да покрие дел од трошоците за фестивалот.

    Фестивалот отвора на 23 септември во Центарот за култура во Битола со филмот „Насоки“ на Стефан Командарев и кинематограферот Веселин Христов, во бугарско-македонска копродукција

    „Ние со Општина Битола го потпишавме договорот овие денови. Денеска со брза пошта треба да стигне во Битола. Засега немаат стигнато средства од Општината. Но, договорот ги обврзува да ги исплатат. Како што е договорено во Советот и на состаноците, фестивалот е влезен во општинскиот буџет“, рече Гена Теодосиевска, уметнички директор и селектор на докуметарната програма.

    Таа појасни дека Општина Битола дава 150.000 денари за печатење на рекламни материјали во рамки на фестивалот, 250.000 денари за исхрана на гостите низ битолските ресторани и уште една голема ставка за сместување на гостите во хотелите за која не прецизираа колку изнесува. Истакнаа дека „придонесот на Општината во фестиватот е многу значаен и можете да замислите како ние сме се чувствувале кога не беше потпишан договорот.“

    Рекоа дека слична ситуација поминале и со Агенцијата за филм и поранешната директорка на таа институција Мими Ѓорговска-Илиевска. Откако се појави и друго здружение кое конкурира за да го организира фестивалот , дури на 25 јули, односно два месеца пред фестивалот, потпишале договор со Агенцијата која ќе им даде 8 милиони денари. Шест месеци фестивалот го подготвувале со сопствени средства.

    „Парите, велат, се отепувачка. Искушувачки е, но ние се навикнавме на таков буџет. Не ни влегоа спонзори, се направи некоја стратегија на игри од типот да му умре козата на комшијата… Дополнително дознавате дека има валкани игри кои не се на ниво на достоинство на манифестација. Мислам дека на таа катарза што ја поминавме резулатат е и овој чај од нане  што го пијам поради тие нервози“, рече Куновски, кој во текот на целата прес-конференција пиеше чај.

    На прес конференцијата беше прикажан и портрет на македонскиот и светски режисер Милчо Манчевски преку инсерти од неговите филмови, кому на затворањето од фестивалот на 30 септември ќе му биде врачена специјалната награда Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност (Фото: СДК.МК)

    Фестивалот годинава се отвора на 23 септември во Центарот за култура во Битола со филмот „Насоки“ на  Стефан Командарев и кинематограферот  Веселин Христов, во бугарско-македонска копродукција. Годинава изобилува со висококвалитетна програма, 13 филмови во официјална конкуренција и уште низа други програми. Затворањето е на 30 септември со францускиот филм „Нека влезе сонцето“ на режисерката  Клер Дени и кинематограферката Ањес Годар.

    На прес конференцијата беше прикажан и портрет на македонскиот и светски режисер Милчо Манчевски преку инсерти од неговите филмови. Беше најавено дека на затворањето од фестивалот на 30 септември ќе му биде врачена специјалната награда Златна камера 300 за особен придонес  во светската филмска уметност, а на отворањето вон конкуренција ќе има македнска премиера и неговиот најнов наградуван краток филм „Крајот на времето“. Манчевски ќе одржи и мастерклас.

    Организаторите за крај истакнаа дека никогаш нема да дозволат фестивалот да замине од Битола и дека се надеваат дека во иднина тој ќе добие канцеларија во овој град.

    „Се надевам дека еден ден ќе имаме и канцеларија во Битола и дека ќе има луѓе од Битола кои ќе ја водат таа канцеларија.  Ние имаме една мала канцеларија, да не кажувам колку на колку и осум-девет луѓе работиме во неа во просториите на Агенцијата за филм . И тоа е срамота на еден фестивал со 38-годишна традиција“, – рече Тодосиевска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира