СЕРГЕЈ МИХАЈЛОВ, КОЈ ЈА ДОНЕСЕ ОПЕРАТА ВО МАКЕДОНИЈА, ЌЕ ДОБИЕ БИСТА ВО ШТИП

    СЕРГЕЈ МИХАЈЛОВ, КОЈ ЈА ДОНЕСЕ ОПЕРАТА ВО МАКЕДОНИЈА, ЌЕ ДОБИЕ БИСТА ВО ШТИПСергеј Михајлов со хорот од нижото музичко училиште во Штип, фотографирани неколку години пред Првата светска војна (Фото: архивска фотографија)

    Збирки од мемоарите на Сергеј Михајлов, кој ја постави првата опера во Македонија, како и поставување на негова биста во дворот на Музичкото училиште „Сергеј Михајлов“ во Штип најавија општинските власти на денешниот концерт, на годишнината од неговата смрт. Стотина музичари и историчари од Штип со кои сме разговарале во изминатите десетина години велат дека не е доволно само тоа што музичкото училиште во Штип во 2005 година го доби името на основоположникот на музичката култура во овој град, Сергеј Михајлов.

    Тој во 1925 година ја постави првата опера во Македонија, а потоа долги години ја развиваше музичката култура во Штип, но и во Гевгелија и Прилеп каде по една година работел како музички педагог. Сергеј, кој почина на 20 септември, 1975 во својата 90 година, го остави целото свое музичко и друго богатство на градот и заслужува многу повеќе, смета музичката јавност во Штип.

    „Премиерата на операта ‘Палјачи’ од Леонкавало беше на 29 август, 1925 во тогашниот офицерски дом во Штип, 23 години пред да биде првата опера во Скопје , операта ‘ Кавалерија рустикана’ од Пјетро Маскањи на 9 мај, 1947. ‘Палјачи’ се постави затоа што беа потребни малку актери, а во Штип дури тогаш почна потрагата по талентирани музичари“, вели во своите мемоари сега починатиот фотограф Панче Мировски, кој како тенор и самиот имал одредена улога во операта.

    Средното и нижо музичко училиште денес на кое стои написот со името на основоположникот на музичкото образование во Штип во чиј двор се планира спомен биста на Сергеј Михајлов (Фото: СДК.МК)

    Во својата автобиографија Сергеј Михајлов напишал дека бил роден на 31 август, 1885 во градот Харков во Русија, потекнувал од богато семејство па имал можност уште како дете да посетува трговско, но паралелно и музичко училиште. Меѓутоа, кога останал без родителите, заминал на Кавказ, а потоа како војник преку Цариград дошол до Солун од каде се преселил во Гевгелија и работел како музички педагог во гевгелиското училиште. Наредната година, кога во штипската гимназија останала без професор по музика, се барало од Министерството за образование Сергеј да биде префрлен во Штип па така Михајлов се преселил во овој град.

    „Заедно со Сергеј во Штип се доселил и дедо ми Никита Тимокрејевиќ Вереса, Јаков Петренко, Максим Макаренко, Васил Бабиќ и други. Во нашата куќа во Горно Маало се собираа често и пееја опери и разни други песни. Брзо ги научиле и старите македонски арии. Сите му помагаа на диригентот Сергеј на кого учениците и музиката му беа и семејство и најважните нешта во животот“, вели штипјанецот Киро Вереса, кој од дедо му слушал и за оперите и хорските песни што тие ги изведувале главно во ресторанот „Брегалница“ во Штип.

    Солисти во „Палјачи “ биле матурантката Благородна Бурева која ја играла Неда, Славко Нетков ја имал улогата на Силвио, Тонио бил Ристо Ѓурѓичков, а улогата на Канио ја пеел Андреј Шчербаков кој бил геометар. Потоа, повеќе млади пројавиле интерес за опера и почнале да вежбаат. Нешто подоцна се случила и втората опера, „Фауст“ од Шарл Гуно. Многу професионални оперски куќи и денес тешко се одлучуваат за оваа опера, но Сергеј Михајлов и тоа го сторил. Наредната година ги обновил оперетите „Гејша“ и „Нитуш“ и пасторалата „Порцалански часовник“ од пергамент, вели музичкиот педагог Димитар Митевски.

    Имаше период во кој со години на неговиот гроб ниту свеќа не му се палеше, ниту цвеќе се положуваше. Лани и денеска положија цвеќе преставници на Општината Штип (Фото: СДК.МК)

    Историчарот Кирил Цацков во својата книга „Просветата и културата во Штип меѓу двете светски војни“ пишува дека Михајлов во тоа време, но и по Втората светска војна, организирал голем број музички натпревари и настапи на штипскиот хор во повеќе градови во Македонија, посебно во соседните Кочани, Свети Николе, Радовиш.

    „Во неговата заоставштина што се чува во Историскиот архив и во роднокрајното одделение на Градската библиотека ‘Гоце Делчев’ во Штип има над 120 негови музички ракописи поделени во неколку категории. Песни за деца што многу ги сакал, преработки на македонски народни песни и нивни хорски изведби и голем број партитури за повеќе опери и оперети. Тој е еден од главните иницијатори за отворање на нижо и средно музичко училиште во Штип каде и самиот предавал. По смртта, својот клавир и повеќе други инструменти и сè друго што имал со тестамент ги оставил на Музичкото училиште“, вели синот на Кирил Цаков, Оливер кој сега е професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира