МОТ ОТВОРА СО ПРЕТСТАВА ЗА КОЈА Е ПОТРЕБНО ПОЛИЦИСКО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ

    МОТ ОТВОРА СО ПРЕТСТАВА ЗА КОЈА Е ПОТРЕБНО ПОЛИЦИСКО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ„Нашето насилство, вашето насилство” се најавува како „проблематична“ претстава на хрватскиот режисер Оливер Фрлиќ, со која режисерот и ансамблот на свој начин ја изразуваат својата критика кон Европа и нејзината дволичност во поглед на емигрантската криза (Фото:ХНК Ријека)

    Контроверзната претстава „Нашето насилство и вашето насилство“ на хрватскиот режисер Оливер Фрљиќ, во продукција на Словенско младинско гледалишче (СМГ) од Љубљана и на Хрватско народно казалиште „Иван Зајц“ од Ријека, вечерва во 20 часот го отвора 42. Млад отворен театар во Младинскиот културен центар (МКЦ).
    Претставата, како што рече на денешната прес-конференција директорот на СМГ Тибор Михелич, користи провокации и вулгарности за да го критикува популистичкиот дискурс на Европа кон општествените проблеми.

    Извршниот продуцент на МОТ Русе Арсов, директорот на МКЦ Златко Стевковски, директорката на ХНК Риека Јелена Ковачиќ и директорот на СМГ Љубљана Тибор Михелич (Фото: МКЦ )

    МОТ ја најавува „Нашето насилство“ како претстава која ја набљудува Европа која е наивно затечена од бегалската криза, Европа која бескрупулозно го заборава своето колонизаторско минато и која им ги затвора границите на оние кои бегаат од последиците на европските и на американските политики.
    Михелич и директорката на ХНК Ријека Јелена Ковачиќ говореа за проблематичниот пат на претставата, истакнувајќи ги гостувањата во Сплит и во Сараево, кога демонстранти влегоа и простестираа за време на изведбите, па претставата се играше под зголемено полициско обезбедување.

    Михелич додаде дека оваа претстава на Фрљиќ се разлкува од неговите две претходни, „Комплекс Ристиќ“ и „Проклет да биде предавникот на својата татковина“ („Проклет био издаијца своје домовине“) кои се занимаваа со екс-Ју траумите, а третава пак, првпат фрла бомба во Западна Европа и како што очекувале, перцепцијата на Западна Европа не е позитивна.

    За денес на МОТ, се најавени и претставата на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ, „Силјан Штркот шанца“ на малата сцена во Македонскиот народен театар (18 часот) и „Експеримент“ на Јане Спасиќ, продукција на „Артопиа“ во 22 часот во МКЦ. МОТ ќе трае до 4 октомври, а програмата оваа година е поделена во четири категории, и тоа: главната меѓународна програма, МОТ МК Прегледот, МОТ+ програмата како и придружните фестивалски содржини и програми.

    Во меѓународната фестивалска програма, ќе бидат прикажани десетина претстави од Европа и Азија, кои секоја на свој начин ја потенцира поставеноста на единката пред сликата за вистинскиот живот денес – мигранти, традиција, работници, сираци, бегалци, историја.

    Меѓу насловите кои ќе следат се босанската „Мојата фабрика“ во режија на Селма Спахиќ , мултимедијалната претстава „Птици“, на шпанскиот колектив „Агрупасион сењор Серано“, холандската „Лебенсраум”, иранската претстава „Сослушување”, полската „Хор на сираци“ и белгиската „Не срамам од моето комунистичко минато” на Сања Митровиќ и Владимир Алексиќ.

    МОТ се организира со буџет од 7 милиони и 500 илјади денари, од Министерството за култура на Македонија и од Град Скопје.

    Од денес, билетите за претставите во МОТ МК Прегледот се 300 денари, а од меѓународната програма се по 350 денари.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира